
Мојата руска љубов
Во Лондон живеат повеќе од 350.000 руски државјани, и дисиденти и милијардери, кои претставуваат неколку илјади милијарди долари и фунти и разни други валути во кеш инектирани во британската економија.
Седиме така во ресторанот во најпознатата стоковна куќа во Лондон, богами и на светот, „Хародс“, каде што реши да ме однесе на чај, по повод роденденот на Љуба, мојата руска пријателка. Чајот, „со сите салтанати“. Со шампањско за добредојде, па потоа со послужавник на три нивоа со сендвичи со димен лосос и кавијар, со ростбиф и путер и краставички (не може без путер и свежи краставички) и памук лепчиња со сечкано пилешко и суво грозје и врз сето тоа ливчиња од злато кое се јаде (ливчињата).
Препорачано
И потоа шест вида тортички и чизкејкси и ситни колачиња, и сето тоа се залива со неограничени количества чај по избор. Од инглиш брекфаст преку Ерл греј до разни цејлонски видови и подвидови од сите делови на светот, освен ако не решите да бидете православни и да побарате чај од нане, што исто така е во ред и ќе ви донесат без око да им трепне зашто на скалата од нула до кул тука виделе сè и сешто, па за едно нане ли ќе трепнуваат.
И потоа тазе печени сконси со два вида мармелада – од шумски јагоди и од боровинки и со кајмак, за да се развие дискусија дали прво се става кајмакот или џемот, ама ако се преврти на исто му доаѓа… А во заднина на стариот до бесвест исполиран „стенвеј“, извесен пијанист што во животот видел подобри времиња и пополни сали ги свири сите евергрин класики што знаевте дека ги знаете и ако знаете да уживате – уживате во секоја голтка, секој залак, секој мирис, секој збор, секој звук и секој миг.
Додека другите големи стоковни куќи полека го губат сјајот, „Хародс“, кој веќе не е на култниот Мохамед Ел Хаед, и натаму опстојува. И легендите, како, на пример, онаа дека немало што не можело да се купи тука, буквално, ама буквално „од игла до локомотива“. Како онаа кога во седумдесеттите, кога двајца англиски наследници со ѕвонарки и кошули со јазици дошле да купат лавче (кое потоа станало дел од лондонската хипи сцена, па конечно како лав го пуштиле на слобода во Африка – вистинита приказна), се обиделе додека чекале на нарачката, да се мајтапат со продавачот во „Хародс“. „Велите дека можете да набавите сè“, му рекле, „можете ли камила? Сакаме да имаме и камила во Лондон“. Без да трепне, продавачот им одговорил: „Господата сакаат едногрба или двогрба камила“?!
Москва на Темза
Во „Хародс“ денес главно купуваат Кинези, Јапонци, Арапи и… Руси. Русите се, ми велат, едни од главните муштерии што се на списокот на редовни и ценети клиенти, кои секогаш добиваат покана да дојдат и да видат што има што нема пред другите „обични“ и тие во едно купување, па, можат да ја затворат стоковната. Информацијата „од прва рака“ ја добивам од Серж, руски дисидент што дојде во Лондон да преживее, а сега веќе десет години работи како метр‘ д‘ во ресторанот на „Хародс“.
Лондон и Обединетото Кралство во векови им беа дестинација на елитата и на богатите, каде што на бранови доаѓаа Американци банкари, Кинези од Хонг Конг, арапски шеици… Доаѓаа, одеа, остануваа. И го присвојуваа, па го нарекоа „Москва на Темза“. Лондон е „Лондонград“, а Итон Сквер е Црвениот плоштад. Во Лондон живеат над 350.000 руски државјани, и дисиденти и милијардери. Кои претставуваат неколку илјади милијарди долари и фунти и разни други валути во кеш инектирани во британската економија. „Германија е добра за штедење, Лондон е за трошење“, рече Андреј Некрасов, руски филмаџија кој долги години живееше тука, објаснувајќи дека руските бизнис тајкуни тука ги влече „сè што може да се прави со банките“. Речиси четвртина од станбениот простор во Лондон е руски, како и 60 отсто од имотите што вредат над 20 милиони фунти. Според Транспаренси интернешнел, повеќе од 5 милијарди фунти вреден имот е купен тука со сомнителни пари. Дури и Хоум офис, министерството за внатрешни работи, признава дека во земјата е забележан „значителен волумен руски или руски поврзани незаконити финансии“, кои се трошат на луксузни имоти, возила и школарини, некогаш и донации за културни институции, што им овозможува на поединци „да ја исперат својата репутација“.
Руски златни визи
За разлика од другите европски земји, во Британија нема проблеми за дуинг бизнис, за избегнување плаќање данок, за вложување пари со непознато потекло. Парите доаѓаат во Лондон преку офшор сметки, главно преку британските Девствени Острови и никој не прашува ни зошто ни како ни од каде. Дури минатата недела беа укинати таканаречените „златни визи“ за оние што ќе вложат најмалку два милиона фунти во инвестициски фондови – минатата година 82 беа Руси. Роман Абрамович со години го има Челси, но на крај мораше да земе израелско државјанство, премногу се сликаше со Путин, Евгениј Лебедев си го има Ивнинг стандард и организира културни манифестации, а стотици други, прва, втора, трета генерација бркаат бизниси во ЈуКеј и живот живеат, „no questions asked“. Од руските бизнисмени со сиви пари живеат илјадници банкари, правни и други советници, адвокати, агенти за недвижнини, бодигарди, стилисти… до шофери и домашни помошнички. И Серж во „Хародс“.
Колегите новинари тука долго време се жалат дека знаат ама не можат јавно да пишуваат за матните зделки и за руските олигарси што жарат и палат низ Кралството Обединето, поради тоа што редовно им се закануваат тужби од ордите правни застапници, кои редовно ги губат на судските рочишта со астрономски отштети, па сега се пишува само за три (и со бројки – 3), за другите – штама. Јавна тајна е дека руските црни пари се длабоко навлезени во сите пори и порои на британското општество и дека 12 години конзервативната влада освен декларативно, ништо не направи тоа да се смени. Во остар напад врз владата поради руското влијание врз Британија, опозицискиот лидер сер Киер Стармер рече дека крајно време е да се средат работите дома, откако владата никако да успее да го оствари ветувањето и барем да обелодени – кои се руските сопственици на имоти во земјата. Стармер бара транспарентност, поголеми контраразузнавачки мерки и нови антикорупциски закони. Поради кризата со Украина, премиерот бара замрзнување на фондовите на пет руски банки и обелоденување имиња на тројца руски милијардери што добија и забрана за патувања. Дали има оптимизам дека нешто радикално ќе се смени? Не.
Добро ма, Љуба (крстено име Љубов ), ја прашувам мојата руска пријателка додека го сркаме чајчето во „Хародс“, знаеш некои од Русиве што се моткаат тука со години и што тежат милијарди? Или барем некој што е обичен милионер? Или, ете, некое младо тајкучне, онака, чисто информативно, за интервју и за еден неврзан муабет, гори мојата новинарска љубопитност. Њет, ми вели. Ја обичнаја рускаја девушка.