
„Мој термин“ повторно кочи – се чека по 3-4 минути за еден упат или една рецепта
Системот „Мој Термин“ преку кој пациентите добиваат упати и рецепти за лекови денеска повторно функционира успорено, се жалат лекарите.
Препорачано
-И денеска чекаме 3-4 минути за упат и по исто толку време за издавање рецепт. Тоа е многу долго време, со оглед на тоа што имаме по неколку упати и рецепти по пациент. Не знам во што е проблемот, но работата на матичните лекари е многу успорена, изјави за „Слободен печат“ доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари.
Директорот на Управата за електронско здравство („Мој термин“) Фикрет Шабани за „Слободен печат“ изјави дека до 9 часот утринава издадени се 17 илјади рецепти и 14.650 упати за пациентите. Вчерашниот ден беше проследен со успорување на работата на системот, па пациентите чекаа подолго време за да им биде издаден рецепт за лек или упат. Шабани е дециден дека ќе се мониторира системот денеска, за да се пронајде недостатокот. Причината за успорената работа според директорот е тоа што системот не е обновен 10 години, па така количеството на податоци коишто се вградени внатре е преобемен и поради тоа работата е поспора.
-Меѓутоа и покрај тоа, до крајот на денот вчера имаше издадени 189.256 рецепти и 113.494 упати. Поради вчерашните проблеми, денеска ќе ја мониторираме работата на „Мој термин“. Во поглед на безбедноста сè е во ред, но проблемот е технички – со серверите.
Новиот министер за здравство пред два месеци го прифати барањето на Управата за електронско здравство да почне со набавка на нов дата центар и нови сервери. Таа постапка е во тек. Моменталната инфраструктура е 10 години стара. Не треба да биде вака. Стандардно, треба да има надградба на дата центрите на секои 5 години, изјави Шабани за „Слободен печат“.
Денешниот ден за Управата за електронско здравство ќе биде ден за мониторирање на брзината, на начинот на функционирање на техничките аспекти. Но, Шабани е дециден дека дури и „Мој термин“ да не е во функција – пациентите не треба да бидат одбивани и враќани за медицинска услуга или интервенција, особено не оние кои се итни.
-Вчера имавме новинарски прашања дека пациент кој чека да му бидат направени анализи, не можел да ги направи. Не е точно. Целата евиденција медицински и законски треба да се води и на хартија и електронски. Апелирам здравствените работници да не го користат моментот и да не ги враќаат назад пациентите, особено не тие со итна потреба.
Лабораториите можат да функционираат така што ќе ги отпечатат резултатите. И во минатото, пред една година имало такви моменти кога „Мој термин“ одвреме навреме работи успорено, или поради слаба интернет-конекција или друг фактор. Секогаш кога се случуваат вакви работи, највнимателни сме, бидејќи пазиме на протоколите за интернет-безбедност и затоа досега на „Мој термин“ не му се случил хакерски напад, уверува директорот.
Тој вели дека „Мој термин“ станува систем кој е сè повеќе обременет со големи бази на податоци, но ниеден пациент не смее да биде одбиен за здравствена услуга.
-Причините за успорената работа на „Мој термин“ се повеќе на број. Големо е количеството на податоци кои се собрани таму за 10 години. Сите мислат дека „Мој термин“ е едноставна алатка само за закажување термини но не е така. Има извештаи, крвни анализи, сите други резултати од лабораториските анализи.
Почна да се покачува обемот на податоци собрани во системот со новите дописи кои Министерството за здравство ги праќа до сите установи, со самото вклучување на приватните установи во мрежата и на таков начин податоците растат, а инфраструктурата е многу стара. Тоа е главната причина за вчерашното успорување, додаде Шабани за „Слободен печат“.
Министерот за здравство Азир Алиу му ветил на Шабани оти ќе се почне набавка од страна на Министерството за здравство на нова, квалитетна мрежа односно главна инфраструктура на „Мој термин“.
-Освен просторот, ќе има и повеќе капацитети за процесирање на податоците, најнова технологија. Министерот добро го знае тој дел технички и верувам дека во најбрз временски период ќе се реализира и ќе биде нешто најдобро во дигитализацијата на здравството. Нешто што ќе остане како јавно добро – додава директорот.
Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој термин e воведен во 2011 година со цел да се овозможи следење на листите на закажани прегледи и интервенции во здравствените установи.
Системот Мој термин се користи од страна на приближно 18 илјади професионални корисници. Од нив 10 илјади се лекари и тоа: 4.800 лекари од примарно, 3.700 од секундарно и 900 лекари од терциерно ниво на здравствена заштита. Бројот на установи кои се корисници на системот е 3.900.