
Митева и Љатифи Азизи именувани за нови потпароли на Владата
Владата на денешната седница донесе одлука за нови потпароли да ги назначи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева и новинарката Венера Љатифи Азизи.
Препорачано
Марија Митева по професија е дипломиран правник на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – правен факултет Јустинијан I, со магистратура по деловно право и положен правосуден испит. Венера Љатифи Азизи е поранешна уредничка и новинарка во Радио Слободна Европа во Прага, уредничка во новинската агенција МИА, уредничка и водителка во Алсат М Телевизија, уредничка во весникот КОХА, А1 Телевизија, и други медиуми во земјата. Актуелно вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Чаир како одговорно лице за односи со јавноста и за поддршка на градоначалникот. Дипломиран политиколог во Универзитетот на Југоисточна Европа. Актуелно магистрант по дипломатија и меѓународни односи на тема „Улогата на дипломатските претставништва и евроатланските интеграции на Северна Македонија”.
На владината седница е одлучено, досегашниот потпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски да биде назначен за Советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли.
Стоилковски е дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Во неговата кариера работел во пишани медиуми, дневни весници, неделници, работел како ТВ новинар, уредник на вести, продусер, уредник и водител на ТВ и радио емисии, како и на современите интернет медиумски содржини.