
Мир според Трамп
Идејата „за запад“ повеќе не значи многу за Соединетите Држави на Трамп. Сè што се смета е неговиот поглед на светот и неговото толкување на американските интереси.
Доналд Трамп и Владимир Путин повторно се сретнаа, овој пат на тлото на некогашната руска територија – Алјаска. Надворешен набљудувач речиси би можел да добие впечаток дека времето се вратило наназад, во епохата пред крајот на Студената војна, кога двете суперсили – Соединетите Држави и Советскиот Сојуз – во својата арогантна слога и понатаму ја кроеја судбината на светот.
Препорачано
Меѓутоа, оваа средба беше многу повеќе од обична историска реминисценција. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, облече впечатлив дел од гардеробата, за кој сметаше дека му прилега на приликата и на целите на Путин: дуксер со натпис „CCCP“ на градите. Ако и беше шега, зад неа се криеше закана.
Секој кој го познава долгогодишниот шеф на руската дипломатија знае дека тој не е познат ниту по смислата за хумор ниту по тоа да занемарува детали во сериозна работа како што е дипломатијата на самит. Изборот на облека на Лавров беше намерен; со него сакаше да испрати порака дека Голема Русија се врати на главната маса на меѓународните работи. Поразот на СССР и неговата источноевропска империја помеѓу 1989 и 1991 година е надминат. Империјата се врати и со неа нејзините барања за изгубените територии.
Најважната од тие територии е, се разбира, Украина. Како што уште во 1994 година, познатиот поранешен американски советник за национална безбедност Збигњев Бжежински истакна – „без Украина, Русија престанува да биде империја“. Дуксерот на Лавров не зборува за Студената војна, туку за свет каков што Русија има намера да воспостави.
Повикот на Трамп до Путин – обвинет воен злосторник – да се сретнат на американско тло претставуваше потврда на таа визија. Заедничкото појавување на Путин со претседателот на САД, ракувањето на црвениот тепих и делењето лимузина, испратија порака до светот дека Русија, без да се повлече ни милиметар во своите максималистички барања во врска со иднината на Украина, повторно е призната како рамноправен партнер. Со тој чин, Путин стави крај на повеќе од три години дипломатска изолација.
Пораката од самитот упатена до Украина беше подеднакво јасна: дури и претседателот на САД прифаќа дека руската империја се врати. Не помислувајте дека ќе ѝ избегате со свртување кон запад. Припаѓате таму каде што припаѓате; дури кога ќе ја сфатите оваа сурова вистина, мирот ќе може да се врати. Оставени сте сами: САД нема да ви помогнат, а Европа сама не може.
Европејците, меѓутоа, треба многу внимателно да го проучат и поттекстот на самитот на Алјаска, бидејќи и за нив оваа манифестација на светскиот поредок дефиниран исклучиво од интересите на големите сили содржи многу отрезнувачки пораки. Ако во средбата можеше да се почувствува здивот на Конференција на Јалта од 1945 година, кога победниците во Втората светска војна го поделија геополитичкиот плен, тоа е затоа што станува збор за уште една пресвртница во опаѓањето на мултилатерализмот и наднационализмот.
Идејата „за запад“ повеќе не значи многу за Соединетите Држави на Трамп. Сè што се смета е неговиот поглед на светот и неговото толкување на американските интереси, колку и да се збркани тие толкувања.
Европејците мораат сами да ја перципираат својата позиција. Иако Америка засега нема формално да ги менува односите со Европа, Трамп ќе продолжи да ги слуша, да се насмевнува одобрувајќи ги нивните ласкави зборови – а потоа ќе ги игнорира, како што стори на состанокот на Алјаска.
Затоа Европејците мораат да сфатат дека се сами во овој нов светски поредок – Соединетите Држави повеќе нема да ги земаат предвид нивните интереси, било да е тоа безбедноста или трговијата.
Европа мора да стане глобална сила сама по себе, брзо и енергично соочувајќи се со целиот спектар на предизвици што тоа го подразбира – од вселената, преку разузнавачките служби, до целокупниот дигитален сектор. Оваа „точка на пресврт“ во долгата европска историја бара многу поголеми и подалечни напори од обичното повторно вооружување на Европа со конвенционално оружје и човечки ресурси, колку и да е тоа важно. Тоа е пораката од Алјаска за Европејците.
Зошто Америка на Доналд Трамп толку очигледно делува против сопствените интереси? Освен укинувањето на економските санкции, Путин очигледно доби сè што посакуваше од самитот – пред сè излез од дипломатската изолација, американско признавање на Русија како рамноправна светска сила и прифаќање на судбината на Украина како интегрален дел од „рускиот свет“. Зошто Трамп ја зајакнува Русија, а за тоа не добива ништо за возврат?
Таквите прашања, колку и да се важни за Европејците, можат да се решат само на теренот на американската внатрешна политика. Европа сега мора да се погрижи сама за себе.
Вијести
(Авторот е поранешен министер за надворешни работи на Германија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“