
Министерство за финансии со нова поддршка за домашните компании – исплатени 19,4 милиони евра
Новата транша исплатена од Развојната банка за поддршка на домашните компании тежи 1,2 милијарди денари, односно 19,4 милиони евра, средства што Владата ги обезбеди по поволни услови од унгарскиот заем. Средствата се од централниот Буџет, со кои ќе се реализираат инвестициски проекти од страна на домашните компании, кои претходно се одобрени од деловните банки.
Препорачано
Ова е шести трансфер за домашните компании, а последната искористеност на кредитната линија беше околу 68 отсто.
Со оваа транша вкупната поддршка што од централниот Буџет е трансферирана кон домашната економија преку оваа владина мерка изнесува 190,5 милиони евра.
Во Буџетот за 2025 година се проектирани вкупно 250 милиони евра, кои се наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, а кои треба да започнат инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра.
Средствата се пласираат кон компаниите под исклучиво поволни услови, рок на отплата до 15 години, со вклучен грејс-период до три години и каматна стапка од 1,95%, како и без надоместок за одобрување и управување.