
Министерот што преферира политичка наместо животна средина
Владиниот фронтмен за животна средина од август до сега на службениот фејсбук-профил објавил 235 пораки, од кои само десет се однесуваат на должностите во ресорот.
Кога ќе помислите на министер за животна средина тешко дека умот ќе ви го прикаже ликот на господинот Изет Меџити, втор човек во Владата. Но тоа е затоа што оваа важна владина позиција никако не може да ја доведете во врска со овој истакнат функционер, бидејќи тој не работи речиси ништо на тоа поле.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Неговиот службен фејсбук-профил од каде што претежно се испраќаат пораките до јавноста и информира за работењето на министерот, открива фрапантен податок дека од почетокот на август до сега тој објавил 235 пораки поврзани со политички случувања, од кои само десет се однесуваат на тоа што му е работа: животната средина и просторното планирање. Останатите се пораки за предизборна кампања, најмногу поврзани со инфраструктурни објекти во Чаир и во кои доминира партиската и албанската кауза.
Анализата на неговите пораки на социјалната мрежа покажува и дека во месецот јули (2025) пак, кој беше карактеристичен по пожари на отворено и шумски пожари кои ја уништуваат животната средина, Меџити објавил 83 пораки, од кои само десет се од областа со која раководи во Владата и за која прима плата од даночните обврзници. Платата според податоците од веб-страницата на Владата изнесува нето 115.540 денари. И во јули министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити на својот службен фејсбук-профил терал предизборна кампања со средби со граѓани во Чаир, Гостивар, а ниту еднаш не се појавил на местата каде имаше пожари или, пак, објавил содржини во кои ја афирмира важноста на шумите и на зеленилото за човековата околина.
Министерот сака багери
За поверодостојна слика ги анализиравме и пораките во март 2025 и во ноември 2024 година. И таму се појавува истиот диспаритет меѓу содржините што се однесуваат на неговите примарни работни задачи што произлегуваат од функцијата која ја извршува во Владата, и „слободни“ активности. Во март 2025 Меџити имал 26 објави на секакви политички теми, претежно за населението што живее во места со мнозинско албанско население, а само три содржини за неговата работа како министер за животна средина. Во ноември 2024 бил малку поангажиран па од вкупно 80 објави, 20 се однесуваат на ресорот со кој раководи, а останатите 60 пак се на теми како заедничката владина седница во Косово, годишнина од БЕСА, Денот на албанскиот јазик, граничниот премин меѓу Северна Македонија и Косово и други.
Иако е познато дека активистите за подобра животна средина се „алергични“ на багери и градење што ја нарушува хармонијата меѓу човекот и природата, министерот Меџити, голем дел од пораките што ги упатува на социјалната мрежа се за инфраструктурни проекти и тоа токму во Чаир, скопската населба која е позната по дивоградбите. Иако кампањата за локалните избори уште не е почната согласно изборниот календар, вториот човек во Владата целосно е посветен на претстојното гласање за градоначалници на кое тој е кандидат за Чаир.
Законот не брани министрите да бидат воедно и кандидати за други функции, или поточно таква ситуација законодавецот не ни предвидел со оглед дека е апсурдна, па тоа на големо се користи од нашите функционери. Во случајов со вицепремиерот Меџити излегува дека граѓаните му ги плаќаат партиските активности, иако според законот тој смее да прима државна плата само за работењето како министер за животна средина.
Партискиот митинг поважен од Трубарево
Неговото отсуство беше забележано и при еколошките катастрофи во Трубарево, Дрисла и Вардариште. Баш кога црниот чад од Трубарево се надвисна над околните места, а населението во паника се прашуваше што да прави, министерот имаше поважна работа – партиски митинг во Чаир. Па по прозивките во јавноста и обидот на премиерот Мицкоски да го оправда, Меџити набрзина се појави и прочита неколку реченици пред камера колку да се каже дека ја извршил министерската должност.
Дури и за Македонија на чиишто влади екологијата им е под „разно“, вакво однесување е премногу. Времето во кое живееме е пресвртница за иднината на планетата која е сѐ понеизвесна поради климатските промени. Од тие причини владите низ светот тоа го ставија како приоритетна тема во практикувањето на власта. Во нашата држава, пак, три децении е на маргините, дури и деновиве кога се случува кулминација поради зачестените пожари на депониите и енормното загадување на воздухот.
А човекот што треба да биде фронтмен во битката за зачувувањето на животната средина, никаде го нема. Води партиска кампања за избори.
Мицкоски најави реконструкција на Владата по одржувањето на локалните избори. Реакциите во јавноста се недвосмислени: министерот и вицепремиер Меџити не ги извршува министерските должности. Тој очигледно ја преферира политичката наместо животната средина. Ако победи во трката за градоначалник, ќе замине, но ако изгуби и остане, премиерот ќе има тешка задача затоа што лидерската позиција во Вреди го прави Меџити главен столб во владината архитектура.
Дојче веле
(Авторката е новинарка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“