Росица, илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова
Росица, илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова

Министерот Панче Тошковски демантира дека убиената Росица му барала помош преку СМС-порака

Дали пред смртта на Росица Вие лично сте имале комуникација со неа на мобилен телефон, преку смс-порака и повик во која ви барала помош поради нефункционален систем и наводно вратен пасош на Илија Стефановски за тој да патува во Германија? Дали пораката која што се прошири на социјалните мрежи е веродостојна и испратена на вашиот мобилен телефон? Дали вие ја видовте таа порака?

Ова се прашањата што „Слободен печат“ му ги упати утринава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако на социјалните мрежи се прошири фотографија од наводна порака упатена од страна на Росица кон министерот Тошковски.

-Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста поврзани со вашето прашање. Воедно тој упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели, одговорија од МВР за „Слободен печат“.

Инаку на социјалните мрежи и во пораки до новинарите пристигна фотографија за која што испраќачите тврдеа дека е СМС-порака што Росица му ја испратила на Тошковски. Од пораката не може да се види датумот на испраќање, не може да се види дали телефонскиот број е на Тошковски бидејќи недостасуваат 3 цифри. Во пораката пишува:

Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември месец па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е се уште на слобода! Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин, пишува во пораката каде се додаваат и бројот на предметот во Велес и бројот на предметот во Скопје.

Тошковски за „Слободен печат“ вели дека оваа порака не е веродостојна. На инстаграм профилот на Илија Стефановски, кој го оконча животот на младата Росица, а кој е отворен за јавноста, може да се види дека тој објавил фотографија дека е во Берлин на 12 јануари 2025 година, но не може да се верификува кога фотографијата е снимена.

 

 

Фото Илија Стефановски Инстаграм
Фото Илија Стефановски Инстаграм

Името Илија Стефановски одекна силно низ цела Македонија кога тој во Велес ја уби својата поранешна партнерка Росица и нејзиниот татко после што си го одзел животот. Но пред да се случи фемицидот, неговото име повеќе од 10 години претходно фигурирало во полициската евиденција во различни полициски станици во Скопје. Во овие полициски станици оделе различни девојки, секоја од нив со сличен страв и проблеми. Росица не била единствената жена која во полиција го пријавувала Стефановски. „Слободен печат“ откри дека од 2013 до денес уште 4 жени го пријавувале Стефановски за насилно, манипулативно однесување, демнење, праќање пораки, крадење на мобилен телефон, малтретирање и секогаш во тие 4 пати овие пријави биле заведувани како „поплаки“.

Во јавноста не стивнуваат реакциите после фемицидот на Росица кој ги разоткри сите аномалии на несанкционирањето на сторителите на меѓупартнерско насилство. Револтирани од како што велат – игнорирањето на пријавите за физичко и психолошко насилство и закани, игнорантскиот однос на институциите, фактот што МВР наместо пријави прима „поплаки“ кои потоа не ги процесуира до ОЈО револтираните граѓанки и граѓани утре (четврток) во 18 часот ќе ја блокираат раскрсницата кај паркот „Жена-борец“.

„Време е за организирање и здружено делување. По минатонеделниот протест „Ниту една повеќе“, повикуваме на блокада, овој четврток во 18:00 часот на раскрсницата кај паркот „Жена-борец“ преку размена во јавен простор да го канализираме нашиот колективен гнев и заедно да ги дефинираме нашите барање кон институциите кои ги загрозуваат нашите животи. Дојдете на улица и придружете се во заедничката борба против насилството врз жените и културста на насилство“, пишува во повикот на социјалните мрежи.

Професорката по право Рената Десковска пак, сподели најнова пресуда од Европскиот суд за човекови права во Стразбур и им порача на блиските на Росица дека имаат право да ја тужат Македонија.

Споделувајќи го најновиот случај каде жена со презиме Скудерони ја тужела Италија, Европскиот суд за човекови права вчера утврди дека Италија ги прекршила членовите 3 и 8 од Европската конвенција за човекови права – забрана за нечовечно или понижувачко постапување и право на приватен и семеен живот.

Жалителката Скудерони тврдела дека по разделбата од партнерот била изложена на психолошки и физички притисоци, контроли, вознемирување и закани, и дека властите не презеле навремени и соодветни мерки за нејзина заштита.

Судот констатираше дека властите не направиле „проактивна проценка на ризик“ и дека имало значителни одложувања, осум-девет месеци за судење, два месеца до регистрација на кривичната пријава – што укажува на неадекватен одговор на сериозноста на ситуацијата. Како надоместок, Судот нареди Италија да ѝ исплати  15.000 евра на Скудерони за нематеријална штета и 10.000 евра за трошоци.

Случајот со двојното убиство и самоубиството во Велес, не смее да се затвори заради тоа што убиецот е мртов. Потребна е целосна истрага за да се утврди одговорноста на оние кои требало да преземат дејствија за заштита, а не го сториле тоа. Тоа е потребно заради задоволување на правдата, но и како поука за постапување во идни слични случаи и превенирање на идолентен однос на државата во случаи на семејно и друго насилство. Не може секогаш вината да се бара во наводните „дупки” во законите. А најблиските роднини на убиените во Велес, имаат право да ја тужат државата за сериозни прекршувања на домашното право и Европската конвенција за човекови права и да бараат надомест на штета, вели професорката Дескоска. 

Ново сведоштво | Пред 12 години го пријавила убиецот на Росица во полиција: „Јас можев да бидам на нејзиното место“

Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот