Mинистерот за европски прашања Орхан Муртезани во Брисел/Фото: МЕП

Министерот Муртезани на клучни средби во Брисел

Mинистерот за европски прашања Орхан Муртезани на првиот ден од неговата дводневна работна посета на Брисел имаше одделни средби со директорка во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување (ГД НЕАР), Валентина Суперти и со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ДГ НЕАР, Сигрит Бретел.

Акцент во разговорите беше ставен на напредокот и следните чекори во рамките на Реформската агенда 2024-2027 и Планот за раст за Западниот Балкан на Европската комисија, што претставува значаен исчекор кон економска трансформација на регионот.

На средбите стана збор и за подготовките за потпишување на Договорот за Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, што ќе ги постави правните основи за спроведување на претходно договорените проекти.

– Од особена важност беа и дискусиите за комуникациските стратегии, кои имаат за цел да ја информираат јавноста и бизнис заедницата за придобивките што овој план ги носи, како дел од пошироките европски интегративни процеси. Министерот Муртезани изрази подготвеност за активно учество на земјата во утврдувањето на нови приоритетни области за соработка, со цел да се зајакнат регионалната безбедност и економскиот развој, информира МЕП.

Покрај тоа, на средбите беа разменети информации за статусот на подготовките на следниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија, како дел од пакетот за проширување на ЕУ.

– Состаноците исто така ги опфатија и актуелните состојби со скрининг извештаите, кои претставуваат важен индикатор за степенот на усогласеност на Северна Македонија со европските стандарди. Во овој контекст, беше дискутиран и напредокот во реализацијата на патоказите и акциските планови, како неопходен предуслов за понатамошно интегрирање на земјата во европските структури, се додава во соопштението на МЕП.

Претпладнево, Муртезани имаше средба и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, а до крајот на посетата на Брисел ќе се сретне и со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, генералниот директор на ГД НЕАР, Герт Јан Копман, постојаниот претставник на Унгарија во ЕУ, амбасадорот Балинт Одор, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, како и со европратеникот Илхан Ќучук, кој во претходниот состав на Европскиот парламент беше известувач на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) за земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!