Лидерска средба на Мицкоски и Филипче / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Мицкоски со нетрпение го очекува предлогот за црвените линии во преговорите со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека европските интеграции остануваат врвен приоритет за државата, но нагласи дека патот кон нив не смее повеќе да биде „срамен“, туку достоинствен. Мицкоски исто така, порача дека со нетрпение го очекува предлогот за црвените линии во преговорите со Бугарија, што го иницира претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче

-Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во кој што ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал сите од нас се чувствуваме – рече Мицкоски на свеченоста по повод Денот на независноста.

Во однос на предлогот за црвени линии во преговорите со Бугарија, инициран од претседателот на СДСМ Венко Филипче, Мицкоски истакна дека е во исчекување на предлогот и дека додека тој е претседател на Владата, нема да има никакви игри со вакви прашања.

-Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде. Од истите кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа ја сменија; од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог; од оние кои велеа „ајде на референдум“, па не ги признаваа резултатите. Додека јас сум премиер, државата ќе биде сигурна – порача Мицкоски.

Премиерот потенцира дека неговиот фокус како лидер на Владата е и на европско образование, среќни земјоделци, работници со добри услови за работа, инвестиции и висок животен стандард.

-Мојот сон и сонот на мојата генерација е вистинско европско образование, земјоделци и млади кои остануваат дома, пензионери кои уживаат во своите години, силна економија, инвестиции, животен стандард најдобар на Балканот и еден од водечките во Европа. Денес сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. Мора да го направиме вистинскиот избор – изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина за нашите деца – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот