
ВИДЕО | Мицкоски: По седум години, учебниците се на клупите уште на првиот ден
Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ првачињата го започнаа патот со нови учебници и со пораки од државниот врв
Премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Кисела Вода и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерката за образование, Весна Јаневска, денеска присуствуваа на одбележувањето на првиот училишен ден во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, каде што им се обратија на првачињата и на нивните родители.
Препорачано
„Задоволство и чест ми е што можам денеска да застанам пред вас, со три пораки кои сметам дека се важни за мене и за вас како генерација. Првпат по седум години учениците ќе ги имаат учебниците пред себе на првиот училишен ден. Им се извинувам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денеска, по 15 години, зборуваме за учебник за секое дете. Но, ветувам дека преку новата дисциплина, вештачката интелигенција, со која ќе се запознаат нашите дечиња, ќе можеме да зборуваме за предизвиците на иднината. За првпат по 7-8 години, учениците ќе може да ги имаат учебниците по странски јазици, нешто што е многу важно за да градат пријателства надвор од нашата татковина Македонија,“ рече премиерот.
Тој ѝ се заблагодари на министерката за вложениот труд и на градоначалникот за ангажманот во Кисела Вода, потенцирајќи дека пред учениците е период во кој ќе учат за „две значајни вредности – семејството и татковината“.
„Денеска е еден од оние денови што секогаш остануваат во срцето, ден кога нашите најмали, првачињата, за првпат седнуваат на училишните клупи и го започнуваат своето патување кон знаењето. Тие денеска ја пишуваат првата страница од својата книга на иднината. Нивната насмевка е најубавата порака дека сè што правиме, го правиме за нив,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека секое прваче во Општина Кисела Вода ќе добие ранчиња и прибор, а и потсети на бројните проекти во општината – од компјутер за секој наставник, униформи и смарт-уреди во училниците, до реконструирани спортски терени и сали, прочистувачи на воздух и фотоволтаици за да можат училиштата да се напојуваат со струја.
„Еден од проектите со кои најмногу се гордеам е изградбата на новото основно училиште ‘Св. Климент Охридски’,“ додаде тој.
Министерката Јаневска, пак, рече дека „ова е среќен ден бидејќи училиштата се полни со радост, смеа, љубопитност и со дружење“, честитајќи им на учениците почеток на новата учебна година.
Таа им порача на првачињата:
„Верувам дека нешто разбирате од тоа што го зборуваме, ние ја претставуваме државата, таа се потруди да ви пружа услови за разни знаења и вештини. Обезбедивме учебници, подобра инфраструктура каде што проценивме дека е најургентно, спортски сали, нова технологија за да бидете заедно и за да се дружите со децата од другите држави. На наставниците им посакувам да си ја работат работата со љубов, а на учениците да стекнуваат многу знаење бидејќи знаењето е богатство“.
Јаневска нагласи дека „во училиштата, во сегашноста, ја градиме иднината на нашата татковина“, а дека децата се тие што утре ќе ја преземат одговорноста за Македонија.