
Месечните нето-плати во јули биле од 1 денар до 324.158 евра!
Најниската плата во јули изнесувала само еден денар иако во земјава согласно Законот за минимална плата не смее да биде исплатена таква сума. Минималната плата од март наваму изнесува 24.379 денари.
Во Македонија во јули се исплатени нето-плати во износ од 1 денар до близу 20 милиони денари. Според податоците кои „Блумберг Адрија“ ги доби од Управата за јавни приходи највисоката плата изнесувала 19.935.728 денари (324.158 евра). Во топ три највисоките плати влегуваат и тие од близу 217.000 евра и 170.000 евра.
Препорачано
– Овие износи се евидентирани врз основа на податоците доставени до Управата за јавни приходи преку месечните обрасци за пресметка на плата (МПИН). Станува збор за исплати кои се пријавени од страна на работодавците, согласно законските прописи, и се предмет на оваа анализа – велат од УЈП за „Блумберг Адрија“.
Најниската плата во јули изнесувала само еден денар иако во земјава согласно Законот за минимална плата не смее да биде исплатена таква сума. Минималната плата од март наваму изнесува 24.379 денари.
– Согласно Меморандумот за соработка помеѓу Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, УЈП на месечно ниво го известува Инспекторатот за сите исплати кои се под законски утврдената минимална плата, со цел преземање на понатамошни инспекциски и законски постапки – изјавија од УЈП.
„Блумберг“ анализраше и колку заработуваат директорите на најголемите македонски банки. Анализа покажа дека највисока исплата во 2024 година во НЛБ добил Петер Зелен, член на УО, кој имал 9,1 милиони денари бруто-плата (148.000 евра), 1,2 милион денари (19.500 евра) варијабилен дел и 4,6 милиони денари (74.800 евра) по основ на други права, вкупно 14,9 милиони денари бруто-надоместоци на годишно ниво или околу 242 илјади евра. Само по основ на бруто-плата, Зелен заработувал по 12,3 илјади евра месечно.
Сојузот на синдикатите на Македонија кој со месеци води битка за зголемување на минималната плата на 500 евра неодамна соопшти дека во мај 2025 година од евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето-плата, 374.045 работници или 73,3 отсто од нив примиле плата под просечната плата, а 135.915 работници или 26,7 отсто од работниците примиле плата над просечната плата.
Загрижува фактот што 169.082 работници, односно една третина или 33,1% од работниците примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра. Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и парламентот се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат ниту да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на синдикалната минимална кошничка што е загрижувачки“, наведе ССМ.