
Мексико: Откриено триесет и едно тело последниве денови во тајни гробници
Телата на 31 лице беа откриени во последните денови во тајни гробници во југоисточната мексиканска држава Чиапас, која се соочува со ескалација на насилството поврзано со организираниот криминал, соопштија локалните власти.
Препорачано
„До денес (понеделник) пронајдовме вкупно 25 тајни гробници и 31 тело, 29 мажи и две жени“, изјави во соопштението Хорхе Луис Јавен, обвинител на државата Чиапас.
Минатата сабота, владата на таа држава објави дека открила 15 тела во областа Фраилеска, рурална област недалеку од Гватемала, која три години е измачувана од криминални банди.
„Уште две тела се откриени во неделата, а потоа уште 14 во понеделникот“, појасни тој.
Тој додаде дека неговата канцеларија и секретаријатот за државна безбедност ја продолжуваат истрагата додека не се пронајдат „телата на сите луѓе кои исчезнале“.
Властите објавија и апсење на маж кој можеби е вмешан во „присилни исчезнувања“.
Според локалните медиуми, ривалските банди се судираат околу контролата на патиштата за шверц на дрога преку киднапирања и изнуда.
Покрај речиси две децении насилство поврзано со трговија со дрога, во Мексико се намножија откритијата на тајни гробници, некои со повеќе од сто тела, во различни региони на земјата.
Во четвртокот, обвинителството во државата Чивава (северно Мексико), на границата со САД, извести за откривање на 12 тела во други тајни гробници.
Откако властите започнаа контроверзна кампања против дрогата во декември 2006 година, повеќе од 450.000 луѓе се убиени, а десетици илјади исчезнаа во Мексико, според официјалните податоци.