Панел-дискусија „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“/Фото: МИА

Медиумска писменост во образованието: Критичкото мислење е главната придобивка за учениците

Втора година по ред учениците во училиштата низ државава учат за медиумска писменост која како посебна тема е вклучена во предметите македонски јазик односно мајчин јазик, општество и информатика во основното деветгодишно образование. Најпрвин се воведени содржини од медиумска писменост во наставата во прво и четврто одделение, потоа во второ и петто и сега од новата учебна година во трето и шесто одделение. Во меѓувреме издадени се Прирачник за медиумска писменост за родителите и старателите како и Речник на медиумска писменост.

Сумирајќи ги продобивките од воведувањето на медиумската писменост во образовниот систем професорката Виолета Петроска-Бешка, која е претставничка на работната група за изготвување на Рамката за медиумска писменост во основното образование рече дека таа е клучна за децата да почнат критички да размислуваат и да се оспособат за повеќе работи.

-Критичкото мислење е основна придобивка од медиумска писменост. Да се биде писмен во дигитална ера во која владеат медиуми, значи да се поседуваат вештини за критичко мислење. Помнењето информации, што беше одлика на бивши образовни системи, а се уште за жал е присутен во нашиот образовен систем е многу споредно, во однос на способноста за вреднување на информациите кои се на дофат и нивно интегрирање и поврзување. За да може тоа да се прави, треба учениците да имаат развиено критичко мислење. Да го откриваат значењето на пораките и да креираат пораки преку кои ќе можат да го искажат своето мислење, паметно да ги користат информациите, односно да ја утврдат веродостојноста на информациите и да ја открие намерата и техниките во информирањето. Да препознаат искажано гледиште, да ценат различни перспективи и да ги користат информациите за креирање и модификување на сопственото гледиште, нагласи Петроска-Бешка.

На панел-дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование – искуства и предизвици“, министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека овој проект за медиумска писменост почнал во исто време кога Министерството за образование ги започна најкрупните реформи во делот на основното образование.

-Заедно почнавме да градиме пат по кој ќе се движат учениците, го градиме квалитетно за не може да се раскопува, да се додава некој дополнителен елемент. Кога имате милион информации и тоа особено на интернет, каде учениците, но и сите ние минуваме голем дел од своето време, морат да научат да анализираат и препознаваат кои се точни вести, а кои се лажни информации и шпекулации со скриени намери. Затоа поддршката од УСАИД за овој проект е многу важна. Во ова клучна улога имаат наставниците кои пак треба да имаат конкретни насоки и материјали за работа, рече министерот Шаќири и нагласи: „Сите имаме иста, заедничка цел да создаваме паметни и креативни ученички генерации со развиено критичко размислување кои во иднина ќе бидат активни граѓани, носители на демократските процеси во нашето општество“.

Директорката на канцеларијата за општ развој на УСАИД, Дон Кармин порача дека медиумската писменост ги опремува граѓаните со алатките да ги разликуваат фактите од фикција, и да размислуваат критички за информациите што ги добиваат.

-Владата на САД инвестира во зајакнување на медиумската писменост бидејќи знаеме дека критичкото размислување е од суштинско значење за креирање на поинформирано и инклузивно општество, што е основата на демократијата. Бидејќи живееме во време кога сме преоптоварени со информации, дезинформациите можат да влијаат на нашите одлуки, каква хрена купуваме, какви лекови користиме и за кои политичари ќе гласаме, рече Кармин.

Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го проведуваат ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во текот на следните три години ќе ја интегрира медиумската писменост во сите нивоа на образование и вонаставните програми во средното образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот