Масовното прислушување не може да заживее дури и да се докаже дека Беџети го застарел случајот

Масовното прислушување на околу 20 илјади граѓани ќе остане во аналите на правосудството со уште еден потпис „нерешено“ и откако САД, стратешките партнери на секоја македонска власт собраа докази и јавно објавија дека судијата Енвер Беџети и поранешниот вицепремиер Артан Груби зеле мито со цел да го спасат поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков од одговорност за масовното прислушување.

Иако Беџети успешно го дочува предметот девет месеци, тој официјално застаре поради контроверзните измени на Кривичниот законик (КЗ). Но, хипотетички постоеше можност Беџети да биде поекспедитивен во постапувањето и масовното прислушување да добие судски епилог пред измените да ги „турнат“ битните предмети.

Кривичарите кои ги контактираше „Слободен печат“ имаат различки толкувања, но сите се едногласни дека предметот не може да се преотвори бидејќи со измените на Кривичниот законик има апсолутна застареност.

Груби Беџети Фото: Слободен печат

Дури и да се утврди кривична одговорност за судијата Беџети тоа нема да има никакво влијание врз предметот.

-Во конкретниот случај, настапена е апсолутна застареност за кривичен прогон на обвинетите опфатени во предметот. Во ваков случај, дури и да има друга постапка во која што потенцијално би била утврдена кривична одговорност за судијата Енвер Беџети, истата не би имала апсолутно никакво влијание врз посочениот судски предмет, а поради причината изнесена претходно, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“.

Адвокатот Јанаки Митровски во изјава за „Слободен печат“ разгледува и друга можност, но и со неа Мијалков пак би се спасил.

– Сè што има апсолутна застареност, толку е. Но и доколку нема апсолутна застареност, а се докаже дека во предметот има сторено кривично дело од судија, тоа само по себе е основ за повторување. Проблемот е што самиот евентуален процес против Груби и Беџети би траел со години и додека заврши, на Мијалков секако делото ќе му застари – вели Митровски.

Уште една причина која влијае на овој предмет е тоа што за обвинетите важи поблагиот закон, а тоа го предвидува член од Кривичниот законик за кој никогаш немало измени.

„Врз сторителот на кривично дело се применува законот што важел во времето на извршувањето на кривичното дело. Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот“, се вели во дел од овој член од Законот.

И професорот по кривично право Гордан Калајџиев ја наведува апсолутната застареност и вели дека на штета на обвинетиот судењето не може да се повторува. Тој пак се повикува на член 449 од Законот за кривична постапка, според кој постапката може да се повтори само во корист на осудениот.

„Кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа, визуелно-тонска снимка или врз лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот, односно толкувачот, но и ако се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судија-поротник или на лице кое ги вршело истражните дејства“, пишува во дел од членот.

Тоа значи дека и доколку се утврди дека клучниот предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство застарел бидејќи Беџети го држел во фиока, нема назад, тој е веќе пропаднат и само ќе ја дополни листата на нерешени незаконски прислушувања од самостојноста на земјава.

Единствена можност која постои, а ја споменуваат обвинители за „Слободен печат“, ако Обвинителството докаже дека судијата зел мито за да го застари предметот, тој да ги надомести трошоците што паднаа на товар на граѓаните.

Обвинителството, пак, оформи предмет за Груби и за Беџети откако Стејт департментот ги стави на „црна листа“ и објави дека земале мито за случајот „Таргет-тврдина“. Сега ќе се утврдува кој дал и кој примил поткуп за да се држи случајот во фиока, па ако се најдат докази, Мијалков може да одговара за давање поткуп.

– Оформив предмет за обезбедување докази во врска со наводите за поткуп и трговија со влијание. Предметот е доставен до надлежно јавно обвинителство. Ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот, дали имало тргување со влијанија. Постапката почна -изјави републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Јавни Обвинители/ фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Поранешната врховна судијка Вера Коцо оценува дека ставањето на судијата Беџети на „црната листа“ ги освести нашите институции дека треба да се грижат за однесувањето на судиите и навремено да реагираат.

– Прво Судскиот совет потфрли со одлуката во дисциплинската постапка, кога за така сериозна повреда го казни само со парична казна во минимален износ, иако станува збор за потежок вид повреда. Сега зависи што ќе се утврди по поднесеното обвинение во кривичната постапка и врската на евентуалното кривично дело со она дело за кое евентуално било земено мито. Поточно дали овој настан имал клучна улога во поранешната постапка. Меѓутоа евентуалната осуда на Беџети секако ќе повлече негово разрешување од функцијата – вели Коцо за „Слободен печат“.

Беџети имаше влијание да ја смени поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева и поради него Врховниот суд да остане без судии кривичари. Дамева јавно кажа дека причината за нејзина смена бил токму Беџети оти не беше унапреден во Врховниот суд и затоа што за него имало предмет за утврдување одговорност.

Цела јавност знаеше дека Апелација одлучува за масовното прислушување со месеци, тоа го констатираше и Судскиот совет, кој јавно го посочи Беџети како одговорен за ова. Но, тој беше казнет само со намалување на платата од 20 проценти. Благата казна за него се најде и во извештајот за напредок на Европската комисија, но институциите се разбудија дури откако САД собраа докази дека е корумпиран.

Пропаѓањето на „масовното прислушување“ за почеток ќе нè чини над 5 милиони денари

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот