
Масовен бојкот на продавниците во Турција, за Владата тоа е економска саботажа
Владата на Турција ги осуди повиците на опозицијата за масовен бојкот на продавниците и услугите по апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, што предизвика протести низ целата земја, опишувајќи ги како обид за економска саботажа.
Препорачано
Откако градоначалникот беше уапсен пред две недели, главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повика на бојкот на стоки и услуги од компании за кои се верува дека се поврзани со владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Тој повик денеска беше проширен на прекин на секое пазарење за еден ден, поради што некои продавници беа затворени во знак на солидарност со оние кои го критикуваат апсењето како политички и антидемократски обид за поткопување на шансите на опозицијата да победи на изборите. Имамоглу е главниот политички ривал на Ердоган и претседателски кандидат на ЦХП на претстојните избори.
„Тоа е обид да се саботира економијата“ изјави министерот за трговија Омер Болат, посочувајќи дека повиците за бојкот се закана за економската стабилност и ги обвини оние што ги застапуваат дека сакаат да ја поткопаат владата.
„Тоа е обид да се саботира економијата и вклучува елементи на нелојална трговија и конкуренција. Ние го гледаме како залуден обид на кругови кои се сметаат себеси за господари на оваа земја“, рече Болат.
Турската економија е погодена од повеќегодишна криза на трошоците на животот и низа девалвации на валутите, при забавување на растот, а инфлацијата и натаму висока, од 39 отсто во февруари.
Вчера обвинителите започнаа истрага против оние кои заговараат повици за бојкот на социјалните и традиционалните медиуми. Канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул соопшти дека ги истражува повиците кои, наводно, се обидуваат да спречат дел од јавноста да се вклучат во економски активности, наведувајќи ги можните прекршувања на законите против говорот на омраза и поттикнувањето јавно непријателство.