д-р Горан Марковски - декан на градежниот факултет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Марковски: Скопјани треба да видат дека може да се работи чесно

Професорот Горан Марковски, кој е и декан на Градежен факултет, за својата независна кандидатура има поддршка од граѓанската платформа „Независни заедно“, но како што тврди, отворена е можноста да го поддржи кој било што споделува исти вредности и идеи. Кандидатурата официјално ќе ја промовира утре во 9.30 часот на Камени мост, локација која не е случајно избрана.

Љубовта кон Скопје, агонијата во којашто Скопје моментално се наоѓа, желбата да го вложам моето искуство, знаење, стручност за подобрување на состојбите, затоа што сум убеден дека може и поинаку во ова наше општество, вели проф. д-р Горан Марковски за тоа што го мотивирало да се кандидира за градоначалник на главниот град на претстојните локални избори.

Тој смета дека треба да се тргне кон подобро Скопје, Скопје на убавината, Скопје на младоста, Скопје коешто нема да биде причина за преселување и иселување на младите. Својата кандидатура официјално ќе ја промовира утре во 9.30 часот на Камени мост, локација која не е случајно избрана.

Камени мост е симбол на градот Скопје симбол на моето професионално ангажирање, јас се занимавам со мостови, нивно проектирање, градење, но уште повеќе, како симбол на моите афинитети кои се насочени кон тоа дека треба да се градат мостови помеѓу луѓето, мостови помеѓу различните мислења, помеѓу наизглед спротивставените интереси и само на тој начин можеме да добиеме поквалитетен град – објаснува Марковски.

Професорот, кој е и декан на Градежниот факултет, за својата независна кандидатура има поддршка од граѓанската платформа „Независни заедно“, но како што тврди отворена е можноста да го поддржи кој било што споделува исти вредности и идеи.

Горан Марковски/Фото: Независни заедно

За тоа што го прави поразличен од другите кандидати и што е тоа што може да им го понуди на скопјани, тврди дека една од најголемите разлики помеѓу него и останатите е независноста, затоа што според него дури кога човек ќе стане независен е комплетна личност.

Можам да понудам конкретни решенија за проблемите на Скопје коишто произлегуваат од моето речиси 40-годишно работно и професионално искуство и уште поголемо животно искуство. Имам реализирано огромен број проекти, дела, дел од нив се и мостови преку Вардар, голем број на станбени и деловни објекти, инфраструктурни објекти, тоа е она што сметам дека е моја објективна предност над останатите кандидати, кои во своето CV немаат такви дела досега. Скопјани треба да пробаат, да видат за што станува збор, дека може да се работи чесно и она што е основно што се покажа како еден од големите проблеми во последниот градоначалнички мандат на градот е тоа дека, јас сум убеден дека со мојата работа нема да се предизвика блокада на советот – вели професорот.

Деканот на Градежен факултет, Горан Марковски, ќе се кандидира за градоначалник на Скопје

На прашањето како тоа би го спровел доколку биде избран за градоначалник, а ја нема поддршката од мнозинството советници, Марковски смета дека не постои проблем што не може да биде разрешен на цивилизациско ниво.

Гарантирам, затоа што јас не би гледал, а не гледам и сега противници во кандидатите. Јас ги ценам сите и сметам дека секој има карактеристики коишто можат да се потенцираат и така би било и понатаму. Сум докажал во многу мои општествени активности, сум го докажал и како декан на факултет, дека нема проблем којшто не може да биде разрешен на цивилизациско ниво. Убеден сум дека Градот ќе соработува и дека градоначалникот нема да има врзани раце затоа што се работи за начин на управување и поимање на работите и поставување на приоритети. Мој приоритет ќе биде доброто на градот независно со кого ќе треба да разговарам, ако треба и по стопати и безброј пати. Мој приоритет ќе биде подобрување на условите за живот во Скопје, прифаќање на сите идеи за кои мислам дека се добри, без разлика од кого доаѓаат. Ако и во такви услови се појави отпор тогаш проблемот не е до градоначалникот – објаснува независниот кандидат за градоначалник.

Со оглед на фактот дека досега за градоначалник на Скопје се пријавени кандидати зад кои стојат партии и нивното членство, на прашањето дали смета дека има шанси за победа на претстојните избори, Марковски вели дека секој што се кандидира очекува добар резултат, но дека тоа не е неговиот мотив.

Мотивот за мое пријавување не е дали имам шанси или немам шанси, мотивот е да му дадеме шанса на Скопје. Дури сметам дека многу поважно е граѓаните на Скопје да увидат дека постојат различни концепти за управување со градот и за мене е добитно тоа ако можеме тоа да го постигнеме, тој исчекор. Дали постојат шанси да се добие или не, прерано е да се говори и искрен да бидам тоа не е мојот основен мотив за вклучување во оваа трка за градот. Но секако, сите оние што се пријавуваат нормално е дека се надеваат на добар резултат. Но овде, во овој случај не е само победа добар резултат и така треба да биде на сите избори – тврди проф. д-р. Марковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот