Фото: претседателот Ахмед Шауки и потпретседателките (од лево кон десно) Паола Касела, Марина Костова и Елена Рубашевскаја.

Марина Костова е првата македонска филмска критичарка избрана за потпретседател на Светската филмска федерација – ФИПРЕСЦИ

Македонската филмска критичарка Марина Костова е избрана за потпретседателка на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ. Ова е првпат во 100-годишната историја на ФИПРЕСЦИ филмски критичар од Македонија да биде избран во раководството на една од најстарите професионални организации во светот, што обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји на сите континенти.

Изборот на новото раководство со 4-годишен мандат беше на Генералното собрание во Будимпешта, Унгарија на 17-18 септември. За нов претседател на ФИПРЕСЦИ е избран Ахмед Шауки од Египет, а покрај Костова за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.

„Оваа функција ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично туку особено за нашата Македонска секција на ФИПРЕСЦИ која, иако една од најмалите, е особено активна во жиријата на бројни филмски фестивали во светот. Почнуваме нова ера на ФИПРЕСЦИ со прекрасен и посветен тим и радосна и горда сум што и нашата мала секција ќе биде тука. Како потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, ќе работам на враќање на почитта и поддршката за независната филмска критика. Со 100 години историја, ФИПРЕСЦИ има уникатно и моќно наследство, а мојата активност ќе биде за развивање иницијативи што ќе ја користат оваа платформа за застапување на нашата професија. Особено ќе се ангажирам за создавање партнерства меѓу ФИПРЕСЦИ и нејзините национални секции, посебно со малите како нашата во Македонија. Заедно, можеме да ја зајакнеме соработката со фестивалите, да соработуваме со засегнатите страни од филмската индустрија и да ја потврдиме неопходната улога на критичките гласови во филмската уметност“, изјави Костова.

Актуелна претседателка на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ, Марина Костова е реномирана филмска критичарка и наградувана новинарка, заменичка-главен уредник на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК. Учествува во жирија на ФИПРЕСЦИ, меѓу кои и на фестивалите во Венеција, Оберхаузен, Виена, Луксембург, Сараево, Истанбул, Солун и други, авторка е на неколку книги и е во авторскиот тим на првиот македонски Речник на медиумската писменост. Македонската секција е и меѓу најстарите професионални здруженија во земјава.

Создадена во 1925, ФИПРЕСЦИ од 1987 до 2024 ја водеше генералниот секретар Клаус Едер, период во кој тој ја обликуваше организацијата во она што е денес. ФИПРЕСЦИ ја доделува својата престижна награда на над 100 филмски фестивали каде има свои жирија, како и годишната Гран при за најдобар филм на годината што се врачува на фестивалот во Сан Себастијан. Наградата за откритие на годината на ФИПРЕСЦИ е и дел од годишните Европски филмски награди .

Во 2025 година, ФИПРЕСЦИ ја слави 100-годишнината од федерацијата со бројни специјални настани меѓу кои и оние на најголемите фестивали, Венеција, Кан и Берлин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот