
Малдивите им забранија влез на туристите од Израел: Нивната земја врши геноцид во Газа
На израелските туристи им е забранет влез на територијата на Малдивите, соопшти претседателот на островската земја во Индискиот Океан, обвинувајќи го Израел дека врши геноцид над Палестинците во Газа, пренесе „Вашингтон пост“.
Препорачано
Претседателот на Малдивите Мохамед Муизу го ратификуваше амандманот на законот за доселеништво откако во вторникот помина во парламентот, соопшти неговиот кабинет.
Со амандманот се воведува нова одредба во законот за имиграција со која строго се забранува влез на посетители со израелски пасоши на Малдивите.
„Ратификацијата го одразува цврстиот став на владата како одговор на продолжувањето на ѕверствата и геноцидните дела кои Израел ги врши над палестинскиот народ“, се наведува во соопштението.
Израелското министерство за надворешни работи не одговорило на барањата за коментар на забраната.
Јужноафриканската република го тужи Израел пред Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации, а Амнести интернешнал ја обвини таа држава за геноцид над Палестинците во извештајот од декември. Израелските власти ги отфрлаат обвинувањата.
Муизу повика на забрана за влез за Израелците уште во јуни 2024, по препораката на владата, поради што израелското министерство за надворешни работи им препорача на своите државјани да го избегнуваат архипелагот познат како тропски туристички рај.
Туризмот е главниот мотор на економијата на Малдиви, со околу 21 отсто од БДП и приходи од 5,6 милијарди долари во 2024 година, според владините податоци. Островската држава оваа година очекува околу 5 милијарди долари од туризмот.