Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

„Малата депонија“ со линдан во ОХИС и не била толку мала, чистењето ќе продолжи догодина

Концентрацијата на отпад во т.н. „мала депонија“ со токсичната хемикалија линдан во ОХИС е за околу една четвртина повисока од првично проценетите вредности, покажале досегашните ископувања на овој опасен отпад. Поради тоа, месецов ќе започнат тестирања на почвата во делот што остана да се исчисти, за да може да се направи вистинска проценка уште колку време и пари ќе треба да се заврши со овој голем проект, пишува „Мета“.

Чистењето на отпадот на петтата парцела се очекува да започне во 2025 година, откако ќе заврши земањето примероци и новата проценка на количините.

„Досегашната пракса во работата покажа дека концентрацијата на отпад е повисока и да се намали неизвесноста за типот и количините во останатите два базени и просторот меѓу петте базени во малата депонија, УНОПС во согласност со Министерството за животна средина и просторно планирање ќе спроведе целно земање на примероци од почвата. Земањето на примероци од почвата ќе започне во текот на овој месец, и се очекува да овозможи проценка на средствата потребни за целосна ремедијација на останатиот дел во малата депонија“, информираат од Министерството.

За продолжување на чистењето на опасниот отпад ќе треба повторно да се распише тендер за избор на компанија за ремедијација. Во изминатите три години оваа улога ја имаше грчката компанија „Полиеко“. Чистењето на линданот од ОХИС почна во септември 2021 година, а досега се исчистени четири парцели. Собраниот линдан е транспортиран и уништен во специјалната постројка „Треди“ во Франција, додека контаминираната почва се транспортира во постројката „Индавер“ во Германија. Досега се пренесени и уништени 1.932 тони високо концентриран отпад и 586 тони почва контаминирана со изомери на линданот. Се претпоставува дека остануваат да се отстранат уште 300 тони линдан и околу 1.500 тони земја.

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата се наоѓа и големата депонија со линдан, за која се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан. Покрај овие две, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево, каде лежат околу 40.000 тони чист линдан и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот