
Максути: Скривниците во Македонија се од социјализмот, за одржување и реновирање нема пари
Професорот и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, вечерва во гостување на ТВ21 зборуваше за тоа како Македонија би се заштитила при евентуален напад, со оглед на состојбата со скривниците во земјата.
Препорачано
Тој вели дека сме наследиле интересен систем од времето на социјализмот, но за жал останало само тоа што е изградено тогаш.
„Нашава земја поседува доста скривници од претходниот систем, кои за жал не се одржувани поради многу причини. Како причина број еден е што не се одвојуваат средства за тие да се реновираат“, вели Максути.
Според него, во земјава постои скривница која е самоодржлива и која што може да издржи и нуклеарен напад.
„Таа скривница е со капацитет за 3500 луѓе, таа е од високорангираните скривници во државата каде има систем за вентилација, струја. Самостојно би била одржлива до 14 дена“, вели Максути.
Тој вели дека се одвоени средства за само три скривници кои биле реновирани во 2015 година и дека оттогаш наваму не е направено ништо.
„Пристапот во нашата земја за ова прашање било да се тргне што понастрана, дури се одело и чекор понатаму да со новите законски измени, тргнати се скривниците како услов за една зграда да биде изградена. За тоа зошто треба да си одговорат компетентните лица“, вели Максути.