
Македонското небо е под ризик од партизацијата која ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ секој ден, обвинија од СДСМ
СДСМ ја обвини власта дека ја загрозува безбедноста на авиосообраќајот поради партиски вработувања во М-НАВ.
Препорачано
На денешната прес-конференција, портпаролката на опозициската партија, Богданка Кузеска директно ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за неспособност, нагласувајќи дека проблемот со радарот во Контролата на летање на скопскиот аеродром кој се расипа не е само технички дефект, туку е последица на насилното вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедност.
„Наместо професионалци, таму се вработуваат луѓе по партиска линија и јасно е дека срга ќе гледаме хаос и импровизација. И македонското небо е под ризик од партизацијата која ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ секој ден. Власта беше глува на сите предупредувањата на контролорите дека клучната опрема, вклучително и радарите и софтверот, е на работ на функционалноста“ рече Кузеска.
Таа нагласи дека новото раководство ветило дека наскоро ќе се инсталира целосно нов систем но тоа не се случило, па таа праша дали сега ќе понесе некој одговорност од власта.
„Наместо решенија, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори Македонската навигација во нов плен за партиски вработувања и договори за „своите“. Денес, резултатот е јасен: Граѓаните и патниците се изложени на ризик. Македонија изгледа несериозно пред светот“ рече портпаролката на СДСМ.
Според Кузеска, институцијата која што треба да биде симбол на професионализам е сведена на партиска филијала.
Истиот модел, рече таа, го гледаме насекаде од здравството, до образованието, до јавните претпријатија.
„Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се „вдоми“ во некоја институција, следуваат корупција, неработење и колапс.Државата не смее да биде приватна фирма на една партија. Граѓаните заслужуваат институции што функционираат, кадри избрани по знаење“ порача Кузеска.