Членовите на македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија

Македонските и бугарските историчари се сретнаа во Софија, не постигнале напредок

Во Софија вчера и денеска се одржа 35-тата средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, соопшти претседатeлот на македонскиот дел од тимот, проф.д-р Ванчо Ѓорѓиев.

При отворањето на средбата, македонскиот тим искажал благодарност кон Република Бугарија и нејзините институции за укажаната помош во згрижувањето и лекувањето на настраданите од трагедијата во Кочани, како и кон бугарското општество и граѓаните за искажаната емпатија и солидарност.

Средбата поминала во работна и конструктивна атмосфера, по прашања од делокругот на работата на Комисијата.

– Во текот на 35. средба, се дискутираше по предлог-препораки за македонските учебници за VII одделение, како и за евентуални заеднички чествувања. По однос на овие теми двете страни низ една динамична дискусија ги соочија своите ставови, при што не беше постигнат напредок. Притоа беа усогласени ставовите по нацрт-записникот од 29. средба, се наведува во соопштението.

Претходната средба за заедничката историска комисија се одржа во февруари во Скопје. И следниот состанок на македонските и бугарските историчари предвидено е да се одржи Скопје во јуни.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември минатата година. Претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот