Фото: ЦУК / илустрација

Македонија како големо буниште, најголемите депонии ги создаваат институциите

Депонијата кај тетовска Волковија трет ден чади. Пожарот никако да стивне, граѓаните со денови се гушат.

Од Центарот за управување со кризи, велат дека од вчера се работи на затрупување на депонијата со земја, за да може целосно да се ликвидира пожарот.

„Територијалната противпожарна единица Тетово, повремено гаси делови од депонијата, во рамки на можностите при вакви специфични ситуации. И денеска се работи со тешка градежна механизација за да се затрупаат со земја останатите делови кои што чадат“, информираат од Центарот за управување со кризи.

Но, ова не е прв пат жителите од полошко да страдаат од депониите кои ги управуваат општините или пак се дадени на приватни концесионери. Објавените снимки и фотографии од депонијата кај тетовска Волковија која е дадена на приватен концесионер, доволно говорат дека таа работела без стандарди. Не е оградена сметот се истура на земја, загадувајќи ја почвата, воздухот и подземните води.

Фото: ЦУК

Фото: ЦУК

Од невладината организација „Подобро за Тетово“ велат дека за да се отвори една депонија треба да се запазат многу стандарди оти депонијата не го загадува само воздухот туку и почвата и подземните води.

„Има кај нас депонии на локации кои немаат право на тоа и се во близина на населени места и влијаат негативно на здравјето на луѓето. Проблемот е што при распад на отпадот излегуваат отпадни гасови кои се штетни и токсични за здравјето на луѓето и се брзо запалливи. Од нестандардни изградени депонии или пак таканаречени депонии затоа што тие не треба да бидат депонии туку треба да бидат претоварни станици имаме големи проблеми. Само историјата ни се повторува ,а луѓето ни се менуваат. Сите трагични настани ни се повторуваат, имавме палење на депонии на влезот во Тетово подолг период, велат од невладината организација „Подобро за Тетово“.

Од Државниот инспекторатот за животна средина, велат дека се уште работаат на случајот, односно дали концесионерот на депонијата кај Волковија постапувал согласно законот и согласно дадените дозволи за работа.

„Дополнително ќе се констатира дали дел од комуналниот отпад завршувал на самата локација оти концесионерот имал дозвола само за третман на хартија, пластика и железо, а комунален смет не смеел да третира таму. Дали носел комунален отпад од општините со кои имал склучено договор, а требал да го носи овој отпад во депонија Русино, тоа ќе го провериме дополнитено и доколку утврдиме дека има такво нешто, ќе има соодветна санкција, забрана за работа согласно Законот за управување со отпад и Законот за животна средина“, информираа од Државниот инспекторатот за животна средина.

Но, ова не е единствената депонија која работи без стандарди.Ниту регионалните депонии низ Македонија, ниту локалните депонии не ги исполнуваат условите за работа.

На станицата кај тетовско Фалише сметот пред да се однесе во регионалната депонија Русино наместо да се претовара во посебни контејнери се истура на земја.

Од Јавното комунално претпријатите Тетово, велат дека станицата исполнува минимум услови, оти е оградена и таму има 24 часовен надзор. Но со поделбата на ЈКП Тетово на повеќе сектори, се очекува да се воведат поголеми стандарди на депонијата.

„Во фаза сме на поделба на нашето претпријатие, ќе има едно јавно претпријатие кое ќе се занимава само со сметот со тоа ќе се смени и начинот и пристапот кон решавање на проблемот. Ќе се воведат стандарди на самата претоварна станица , но и ќе се воведат и стандарди во начинот на собирање на сметот со примарна селекција на отпадот, односно голем дел од сметот ќе се носи во големите депонии нема потреба да се носи во претоварни станица, рече Лулзим Шаќири од ЈКП Тетово.

И регионалните депонии не ги исполнуваат стандардите за работа. Депонијата во гостиварско Русино повеќе од една деценија се стандардизира, но никако да заврши процесот. Реализирани се краткорочните мерки, но долгорочните кои вклучуваат и селекција на отпадот како и изградба на објект од затворен тип се уште се само на хартија.

Од Министерството за животна средина, се пофалија дека се работи на воспоставување на стандарди за работа на регионалните депонии.

„Интензивно се работи на воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во сите плански региони.Најнапред се Источниот и Североисточниот плански регион за кои се очекува објавување на тендерот за градба.Во МЖСПП е формирана техничка проектна единица која работи на изработка/ ревизија на техничката и тендерската документација за сите останати плански региони.За Скопскиот регион, ревидирање на техничката и тендерска документација ќе се врши со техничка помош од ИПА 3 програмата“, информираа од Министерството за животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот