
Македонија изгубила арбитража и ќе треба да платиме 450 милиони евра, навести Мицкоски
Македонија ќе треба да плати 450 милиони долари како надомест за изгубена добивка, како резултат на арбитража која земјава ја изгубила, навести денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, без да открие за кој спор станува збор.
Препорачано
– Еве ќе ви дадам еден пример, да речеме завршува една арбитража и поради едно такво неодговорно однесување на претходната влада, сега вие граѓаните ќе треба да платите 450 милиони долари изгубена добивка. Завршена е таа арбитража – рече Мицкоски одговарајќи на прашања на новинари на прес-конференција по средбата со здравствените синдикати.
Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ во Собранието, кој во минатата влада беше потпретседател и одговорен за економските ресори, а беше и на чело на Комисијата за арбитражни постапки, за „Независен“ вели дека до него не стигнала информација дека Македонија изгубила арбитражна постапка, како и дека доколку тоа се случело, тој би требало да биде запознаен.
За време на претходната влада, во неколку наврати беа објавувани арбитражните постапки што се водат против Македонија по тужби од приватни компании пред меѓународни судови и институции. На 25 август лани, тогашниот вицепремиер Битиќи рече дека има две нови постапки кои би можеле да ја чинат државата нови десетици, па и стотици милиони евра, а заедно со претходните, веќе познати во јавноста, вкупните побарувања надминуваат 1,3 милијарди евра.
Претходно, лани во јуни беше соопштено дека вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во тој момент се водат против земјава изнесува 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без затезни камати, со кои овој износ се искачува на над 1,5 милијарди евра.