
Македонија е 78 место од 165 земји во светот
Најлошо сме оценети во однос на правниот систем и имотните права со само 4,76
Со вкупна оценка од 6,76, Македонија е на 78 место од 165 земји од сите континенти, покажува новата студија на канадскиот институт Фрејзер „Економска слобода во светот, 2025 година“ на Институтот за пазарна економија (ИME). Најслободните економии на планетата се Хонг Конг и Сингапур, на дното се Венецуела и Зимбабве. Индексот ја мери економската слобода користејќи 45 компоненти и поткомпоненти групирани во пет области: 1) Големина на владата, 2) Правен систем и имотни права, 3) Здрави пари, 4) слобода за меѓународна трговија и 5) Регулатива.
Препорачано
Секоја компонента и поткомпонента се поставени на скала од нула до 10, одразувајќи ја распределбата на основните податоци. Податоците во оваа нова студија всушност се однесуваат на 2023 година (собирањето го одразува закрепнувањето на економиите по ограничувањата на слободата наметнати поради пандемијата во 2020-2022 година), забележува ИME.
Нашата земја е најдобро оцената во однос на слободата во меѓународната трговија (7,72 поени), а најниско во однос на правниот систем и имотните права (4,76). Според критериумот „Големина на владата“, Македонија има оценка од 6,85, со што всушност се измерени ефектите на владините расходи и даночните стапки врз економската слобода.
– Земени заедно, петте компоненти од Област 1 го мерат степенот до кој фискалните политики на земјата го ограничуваат опсегот на индивидуалниот економски избор. Бидејќи речиси сите владини трошоци се финансираат преку тековно оданочување, идно оданочување или инфлација, речиси сите владини трошоци нужно одземаат пари од граѓаните, ограничувајќи ги нивните економски избори. Земјите со пониски нивоа на државна потрошувачка, пониски трансфери и субвенции, помалку владини инвестиции, пониски маргинални даночни стапки и помала државна сопственост на средства добиваат највисоки оценки во оваа област – стои во Извештајот.