Евра- Фото Слободен печат-Методи Здравев

Македонија дел од СЕПА, плаќањето во евра кон странство поевтино и за граѓаните и бизнисот

Од денеска прекуграничните плаќања во евра ќе бидат поевтини и побрзи што се овозможи со приклучувањето на земјава кон СЕПА – Единствената област за плаќање во евра. Одобрени се апликациите на девет домашни банки, а до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.

-Од членството во СЕПА се очекуваа бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Пред сè се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Потсетува дека клучниот чекор за спроведување на оваа реформа било донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, како и подзаконските акти кои Народната банка ги усвоила за имплементација на овој Закон.

-Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, усогласувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските.Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформи насочени кон економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите – вели Димитриеска-Кочоска.

Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули лани, а на 6 март годинава беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања за приклучување на СЕПА со што се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра. Станува збор за регион кој опфаќа 41 земја од Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот