
Македонија да ги исполни обврските кон ЕУ, тоа што е договорено е договорено, порачаа Жељазков и Кошта
Кошта вели дека ги разбира негодувањата кои доаѓаат од Скопје бидејќи, како што кажа, Македонија еднаш ги сменила Уставот, знамето, како и името на земјата, и дека она што е важно во моментот е да се изгради доверба. Тој нагласи дека на Македонија треба да ѝ се гарантира дека нема да има други барања, но дека договореното мора да се исполни.
Бугарскиот премиер Росен Жељасков изјави дека единствениот пат напред за Република Северна Македонија е целосно спроведување на договорите од Европскиот консензус од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија. Тој на заедничкиот брифинг со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, беше дециден дека позицијата на Бугарија за Македонија е непроменета, пренесуваат бугарските медиуми.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што објави БГНЕС, тој потсетил дека бугарските влади на чело со Бојко Борисов соработувале добро со владите на Македонија, кога на власт биле Зоран Заев и Димитар Ковачевски, кога беше потпишан Договорот за добрососедство.
„Беше пронајден начин кој ќе им овозможи на РСМ, како и на другите балкански земји, врз основа на нивните заслуги, да напредуваат во процесот на пристапување. Компромисниот предлог за време на француското претседателство беше одобрен од страна на Советот, одобрен од бугарскиот парламент и ништо не се промени оттогаш ниту во поглед на принципите ниту во однос на пристапот, што ќе им даде основа на нашите колеги од Скопје да тврдат дека постои бугарски диктат”, нагласил Жељасков.
Тој додаде дека со одлуката на Националното собрание оваа година го потврдиле нивниот став – нема да поставуваат други барања за обврски што треба да ги исполни земјава..
„Ние експлицитно изјавивме дека нема да поднесеме никакви други барања за обврски од нашите соседи” истакнал бугарскиот премиер.
И Жељазков исто како и шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, смета дека е „апсолутно неоправдана и непотребна“ иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија, што неодамна до Уставниот суд на Македонија ја поднесе поранешната пратеничка и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска.
„Верувам дека жалбата до Уставниот суд на Република Северна Македонија на потпишаниот потпротокол кон Договорот за добрососедство, кој предвидува годишен преглед на спроведувањето на договорот, беше апсолутно неоправдана. Никогаш не сме барале аргументи во внатрешнополитичките дебати во Република Северна Македонија, но се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и обврската да бидат вклучени во Уставот на Република Северна Македонија, ќе бидат исполнети, бидејќи тоа е предуслов за нивно продолжување по патот на полноправно членство“, рече Жељазков.
Бугарскиот премиер наведе дека Бугарија, од нејзиното претседателство со ЕУ, многу јасно ставила до знаење дека проширувањето на Унијата, особено со земјите од Западен Балкан, е приоритет за Софија.
„Ова гарантира повисоко ниво на безбедност, повисоко ниво на просперитет за земјите од Западен Балкан со кои граничиме или се во непосредна близина“, рече бугарскиот премиер.
Според него, донесувањето одлуки со квалификувано мнозинство за прашања поврзани со проширувањето и надворешната политика ќе ја ослабне ЕУ, посочувајќи дека Унијата е силна кога е обединета.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како што пренесе БНТ, рече дека во 2022 година Европската Унија ги одобрила условите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и дека земјава мора да ги исполни овие обврски за да постигне напредок во преговорите. Тој рече дека е лично вклучен во овој процес и очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во Македонија.
„Ги посетив и Бугарија и Северна Македонија. Разговарав многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски. И верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес. Северна Македонија долго време работи на овој процес“, рече Кошта.
Тој вели дека ги разбира негодувањата кои доаѓаат од Скопје бидејќи, како што кажа, Македонија еднаш ги сменила Уставот, знамето, како и името на земјата, и дека она што е важно во моментот е да се изгради доверба. Кошта нагласи дека на Македониа треба да ѝ се гарантира дека нема да има други барања, но дека договореното мора да се исполни.
„И, секако, тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни. Тоа може да ги подобри условите, конкурентноста во двете економии. Да се поврзат двата народа“, порача Кошта.