мерсел биљали
Мерсел Биљали, аналитичар, Фото: Архива

„МАГА“ Македонија?!

Се знае дека нулата е број без големина, освен ако не опишува лош политичар. Тогаш нулата може да биде вистинската големина.

Во својата книга „Патот до слободата“, Џозеф Стиглиц, поранешен професор по економија на Универзитетот Колумбија, и добитник на Нобеловата награда за економија, нè потсетува дека во САД, и демократите и републиканците ја бранат доктрината на неолиберализмот. Двете големи политички партии се за дерегулација и приватизација, дури и таму каде што тоа не е пожелно поради јавен интерес. Оти тоа го бара интересот на најбогатиот слој на американското општество. Токму тој богат слој со ептен сиромашна душа.

Низ векови светот ги има изградено жилите на цивилизацијата: устави за ограничување на моќта, закони за еднаквост, меѓународно право и сојузи за зачувување на мирот, правни системи за мирно решавање спорови, вести за унапредување на толеранцијата и создавање здрава јавност, добротворни организации за олеснување на страдањата, бизниси за развој, елитни универзитети за градење просперитетно и здраво општество, институции за лекување болести итн. Ама некој сето тоа може да го превртува наопаку со што на мнозинството луѓе животот им станува гаден, брутален и краток! Тоа се случува кога правите лекот да биде поопасен од болеста. Ова се случува кога некои одлучуваат луѓето да ги водат по патиштата низ кои поминал Сизиф со својот огромен камен.

Трампизмот веќе стана именка за сето тоа, оти власта се претвори во моќ заради себе и енормно богатиот слој „богови“. За жал и во ерата на роботиката луѓето како во древниот Египет продолжуваат да создаваат лажни богови на кои им веруваат повеќе отколку на вистинскиот Бог! Енормното покачување царини енормно збогатува мал слој луѓе, а на сметка на тоа брутално осиромашува голема маса луѓе. Занемарување на мирот. Америка се претвори во арена на безмилосни луѓе и пример за слабеење на институциите што би требало да ја ограничат моќта на тој незаситен слој на општеството. Трампизмот е токму тоа оти веќе почна да наликува на античка митологија, кога чудни суштества биле прогласувани за богови!

И во однос на меѓународната политика многу работи се подриени. Никој во американскиот естаблишмент не се чука по главата дека Повелбата на ОН забранува каква било закана или употреба на сила против други држави. А слушаме секојдневни закани за Панамскиот Канал, за Гренланд, за Канада, за Газа… Целиот демократски систем по Втората светска војна е под сериозна закана. Тоа го загрижува целиот свет, а и мнозинството во американско општество. Луѓето не сакаат враќање на времето на старите империи, кога силните правеа што сакаат, а слабите трпеа. Би требало да се надеваме на случајниот здрав разум, кој е како стакло, кое можете да го скршите, но не ќе можете повеќе да газите по парчињата.

„Ден на окупацијата“ наместо „Ден на ослободувањето“

Во моментов единствено навестување за некое помасовно контрадвижење се митинзите предводени од Берни Сандерс и Александрија Окасио-Кортез, кои силно ја анимираат американската јавност со слоганот „Стоп на олигархијата“. Денот на тарифите што Трамп го нарече „Ден на ослободувањето“, тие го прогласија за „Ден на окупацијата“. Секако дека ова не е за Трамп, туку за отрезнување на широките маси за спротивставувања на трампизмот кој создава хаос низ светот. Сега трампизмот се соочува со контранапад и пред домашни судови, кои на долг рок, може да бидат фатални за глупавиот глобален царински режим на Трамп.

Голем број европски популистички партии и радикални националисти, кои со еуфорија го дочекаа доаѓањето на Трамп во Белата куќа, со надеж дека лесно ќе дојдат на власт со крилата на идеологијата МАГА, сега се обидуваат да ја намалат штетата што може да им ја нанесе таквата јавна поддршка во очите на своите гласачи. „Не знам што сака тој.

Тоа што го прави е сосема лудо. Кога рече дека не очекувал таква реакција од финансиските пазари, се плашам дека тој ништо не разбира. Дека тоа ќе предизвика инфлација, пад на берзи, не разбираме што сака“, кажа поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, кој до пред неколку недели гордо се означуваше како голем „трампист“ и носеше црвена бејзбол капа МАГА на која напишал „Силна Чешка“.

Претседателот Трамп сега доби нето негативен рејтинг во осум од девет анкети направени во пресрет на неговото сеопфатно објавување тарифи на 2 април – иако повеќето Американци не мислат дека Трамп ќе може да се држи до новите давачки. Уделот на Американците што мислат дека економијата е на погрешен пат се искачи на 54% во најновата анкета, во споредба со оние 43% во анкетата од 24 до 26 јануари. Сега јавното одобрување на економското управување на Трамп е паднато на 38 отсто од 44 отсто колку што беше на претходната анкета. Тоа е голем пад за само три месеци! Таму висок рејтинг има само претседателот на Федералните резерви Џером Пауел, за кого Трамп мака мачи како да го разреши оти законот не му дозволува. Дури размислува како да го смени законот!

„Економист“ редовно ги следи промените во поддршката во претседателствувањето и наведува дека повеќето претседатели почетокот на мандатот го започнуваат со позитивно одобрување, па потоа следува благ пад. Но, и двата мандата на Трамп почнаа со нејасен став на јавноста за него и тој го помина речиси целиот свој прв мандат со негативен резултат. Неговиот втор мандат почна со масовна амнезија и хипноза, ама со брзо отрезнување поради општата катастрофа на внатрешен и на надворешен план. Сега неговата поддршка рапидно паѓа, особено по објавувањето тарифите на почетокот на април што предизвика невидена паника на сите финансиски пазари.

Бунтовникот Сандерс ја води турнејата наречена „Борбена олигархија“, со серија политички митинзи во придружба со својата колешка, републиканката Александрија Окасио-Кортез. Двајцата тргнаа по преполната маршрута низ САД, со цел да ја галванизираат ептен разочараната и длабоко ранета маса луѓе. Дури на еден сосема спонтан митинг успеале да соберат дури 35.000 луѓе, веројатно разочарани од ветувањата високо до небо, ама реализирањата длабоко во кал.

Реално, Трамп беше реизбран на голем бран економски песимизам, со инфлација, високи цени и губење работни места, но наместо да тргне кон заздравување, тој избрал дополнителна „инфекција“, вели еден познат економист. „Сега има повеќе полиција, повеќе имиграција и многу повеќе страв од неизвесност“, вели Елизабет Витерспун, експерт по финансии. Затоа протестите пак се вратија низ САД, каде што се изразува несогласување со политиките на власта, особено за царините, депортациите, отпуштањата во јавните служби, но и со војните во Украина и во Газа. „Денешниот протест јасно покажува дека луѓето во Лос Анџелес се во доследна борба против Трамп и неговата милијардерска агенда која сака да ги уништи сите наши социјални услуги“, кажа еден од организаторите на протестите во Лос Анџелес.

Администрацијата на Трамп го блокираше финансирањето на климатските промени во вредност од 369 милијарди долари за следните десет години. Тоа ќе има огромни последици. Од друга страна, тужбите на фармерите поднесени до Федералниот суд и многубројните административни тужби покажуваат дека Трамп сериозно ја губи и поддршката и довербата. Но, додека Америка се соочува со бран граѓански бунтови против него, и кога толпата едногласно извикува „Не“ и „Рацете подалеку“, во Републиканската партија владее голема збунетост. Тие стотици митинзи се опасна енергија не само против трампизмот, туку и против Републиканската партија, што сериозно ќе може да се одрази на следните избори за Претставничкиот дом и Сенатот во 2026 година.

Освен за економската, социјалната и финансиската политика, луѓето во САД многу се незадоволни и од Трамповата антидемократска политика. „Тоа е патетично“, рече еден од водачите на протестите. „Мислам дека неопходно е да има сериозно рестартирање во Републиканската партија. Апсурдно е силните богаташи да мислат дека и државата и луѓето во неа се во нивна приватна сопственост“.

Каде е „МАГА“ Македонија?!

Водството на Македонија евтино се фалеше за наводната „блискост со Трамп“, иако да ги собереш сите милитанти на МАГА, ниту еден од нив Македонија не можат да ја најде на мапата. Веднаш по пофалбите, Трамп како награда ни воспостави енормно високи царински стапки за Македонија, цели 33 отсто! Ни се случи победа на илузијата над интелигенцијата! Трамп, го сакал тоа или не, ќе мора пак да се зближи со ЕУ, меѓу другото и за Украина, која Трамп „ќе ја решавал, нели, за 24 часа“?! Башка што разделбата меѓу Русија и Кина е потешка отколку да ги разделиш сијамските близначки.

Нам не ни требаат детски приказни за скршени јајца за „омлет“ за тие што бараат влакно во јајцето, туку „муда“ за систем и развој. Додека се занимаваме со историски гробишта и се возиме во расипани возови со 50 км на час, светот стаса на 350, па и 600 км на час. А биле зад нас! Познавачи на развојот велат дека нашата држава може да направи развоен бум ако со јавно-приватно партнерство се фокусира на три области: модерно земјоделство и сточарство; рурален и планински туризам; и бањски туризам. Имаме голем број празни села, кои со малку вложување и добра организација можат да се претворат во одличен целогодишен туризам со одличен профит. Австрија со „воздушна бања“ има речиси ист профит од туризмот како Италија, која е опкружена со море. Сето тоа проследено со силна реклама, организирани евтини транспорти, чартер летови итн. Со тоа и профитот ќе останеше дома за разлика од странските инвестиции. А ние создадовме пекол, а во пеколот ѓаволот е позитивен лик.

Тајван е колку Македонија по територија, а издржува 25 милиони луѓе со петпати повисок стандард од нашиот. Израел исто така, иако 60 отсто е пустина. Значи нешто ептен сериозно фали кај нас. Ние мора да се запрашаме што, впрочем, се случува со нас и тоа години назад. Особено кога нè надминаа и соседни држави што биле 30 години зад нас (Бугарија, Романија, Албанија). Многу понапред отиде Црна Гора која стана држава во 2006 година, и Косово во 2008 година! Станавме општество каде што едни едвај преживуваат со своите десет прсти, а други уживаат рајски живот со нивните два прста. Дури се гордееме со држава од која секој нормален би се срамел. Барем докажуваме дека не постои таков човек во планетата што може да направи толкав криминал колку што ние знаеме да простиме!

Либертас

(Авторот е политички аналитичар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот