
Лондон ниту сака ниту може да ја плати сметката за колонијализмот од десетици милијарди фунти
Дури и да изрази волја да го прифати барањето, Британија не може да го издржи товарот на исплата на отштетата, затоа што треба да најде сума што би достигнала од 35 до 200 билиони долари
Лидерите на поранешните британски колонии го искористија самитот на Комонвелтот во Самоа и гостувањето на кралот Чарлс Трети и на премиерот Кир Стармер за да му го постават гласно на Обединетото Кралство најнезгодното возможно прашање – да исплати репарации за вековното експлоатирање на колониите и трговијата со робови.
Препорачано
– Шефовите на држави, забележувајќи ги повиците за репарациска правда во врска со трансатлантската трговија со поробени Африканци и ропството, се согласуваат дека е дојдено време за суштествени и вистинити разговори со взаемна почит кон градење заедничка иднина – пишува во нацртот на завршниот документ на Самитот на шефови на 56-те членки на Комонвелтот што се одржува во Самоа.
Дури и да изрази волја да го прифати барањето, Британија не може да го издржи товарот на исплата на отштетата, зашто треба да најде сума што би достигнала од 35 до 200 билиони долари. Тоа, за груба споредба, е 10 до 60 пати повеќе од вкупниот бруто-домашен производ на Обединетото Кралство или двојно повеќе од БДП-то на целиот свет.
Лабуристичкиот премиер Стармер, како и многумина пред него во резиденцијата во Даунинг 10, категорично го одбива барањето за исплаќање каква било парична отштета.
– Репарациите не се тема на агендата на самитот на Комонвелтот. Позицијата на владата не е променета. Ние не плаќаме репарации – објави кабинетот на Стармер, кој вчера стана првиот актуелен британски премиер што ја посетил Самоа.
Во островската земја пристигна и кралот Чарлс Трети, во рамките на својата турнеја низ поранешните британски колонии во Пацификот.
Лондон технички е во право, зашто репарациите навистина не се на агендата на самитот на Комонвелтот. Главната официјална тема се климатските промени, од кои егзистенцијално се загрозени многу островски земји.
– Она за што сме најмногу заинтересирани сме е дали можеме да им помогнеме преку соработка со меѓународни финансиски институции за да им ги обезбедиме потребните пакети за да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат – изјави Стармер.
Премиерот, сепак, не можеше да избегне коментар за штетите од британскиот колонијализам.
– Ќе се фокусирам на климатските промени наместо да завршиме во бескрајните дискусии за репарациите од минатото. Ропството, секако, им е одвратно на сите, и трговијата и третманот (со робови), нема збор за тоа. Но, од мое гледиште, повеќе би сакал да ги засукам ракавите и да работам заедно со нив на актуелните предизвици од иднината, наместо да потрошам многу време на минатото – изјави Стармер.
Анонимни извори од Даунинг стрит, сепак, укажуваат дека дипломати веќе разгледуваат план за „суштествени разговори“ за прашањето на репарациите.
– Кога ќе отворите некое прашање, ќе мора да помине некое време пред да почнат разговори, но некој ден ќе почнат – оцени Фредерик Мичел, шеф на дипломатијата на Бахамите.
Оштетените земји немаат илузии дека Обединетото Кралство би собирало пари за да ги подмири штетите од минатото, но укажуваат дека постојат и разни други форми за да плати за гревовите – од официјално извинување, преку простувања долгови, економска помош и поволни заеми, па сѐ до проекти за образование и здравство или изградба на музеи и болници. Здружението на карипските земји, од друга страна побараа прашањето на трговијата со робје да се прошири и со Пацификот.
Mалку е веројатно дека нацрт-документот на самитот во Самоа ќе биде прифатен со барањето за репарации, поради противењето на Обединетото Кралство. Но, расположението меѓу учесниците укажува дека прашањето за ропството и оштетата многу посериозно ќе биде разгледувано по две години на идниот самит на Комонвелтот што ќе се одржи на Карибите, веројатно на Антигва и Барбуда.