Фото: EPA-EFE/Christian Monterrosa

Локализирани се пожарите во Кочанско по палењето на стрништата и сламата во полињата

Територијалната противпожарна единица од Кочани, во полн состав и со целокупната расположива механизација и опрема, помогната од колегите од Виница и Штип, успеа да ги изгасне пламените јазици што стигнаа до селата Прибачево, Грдовци, Подлог и Чифлик, но и до самиот град.

Локализирани се пожарите на неколку локации во полскиот регион во Кочанско, што во текот на изминатата ноќ се закануваа да предизвикаат поголема материјална штета.

Територијалната противпожарна единица од Кочани, во полн состав и со целокупната расположива механизација и опрема, помогната од колегите од Виница и Штип, успеа да ги изгасне пламените јазици што стигнаа до селата Прибачево, Грдовци, Подлог и Чифлик, но и до самиот град.

-Нашите пожарникари на терен беа во изминатите 24 часа, а во текот на ноќта имавме две дежурни екипи на најкритичнте места. Палењето на стрништата и на оризовата слама на нивите, помогнато од силниот ветер придонесе огнот брзо да се прошири кон населените места. Најкритично беше во селото Грдовци, каде го евакуиравме месното население од околу сто куќи, а огнот практично навлезе во некои од дворовите. Исто така, голема опасност предизвика пожарот во близина на една од бензинските пумпи на влезот во Кочани, каде пламенот беше на само петнаесетина метри од објектот, но со ефикасна интервенција го спречивме ширењето. Интервениравме и на други локации што поради специфичноста на теренот се тешко пристапни за противпожарните возила и успеавме состојбата да ја ставиме под контрола, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Пожарникарите во текот на ноќта беа во заштита на стопанските објекти во западната индустриската зона на Кочани, а вработени и механизација на комуналното претпријатие „Водовод” се вклучија во заштитата на пречистителната станица за отпадни води, во која се проиизведува метан.

Во текот на вечерните часови на терен имаше и претставници од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), од Одделението за внатрешни работи, како и од локалната самоуправа на Кочани. Директорката на ДИЖС, Ана Петровска истакна дека со помош на катастарските планови детектирани се парцелите од кои потекнува пожарот и нивните сопственици експресно ќе бидат казнети.

Градоначалникот на Кочани, Никоилчо Илијев ги повика земјоделците да престанат со палењето на стрништата и сламата за да се спречи опасноста од материјална штета, но и да не се загадува воздухот во регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот