Устав на РСМ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Личната карта ќе ги спречи манипулациите со „балансерот“, законот за правична застапеност утре на Влада

Поентата на предлог-законот е при вработувањата предност да има мерит-системот, односно компетентноста и стручноста на кандидатите, како и позитивната дискриминација, велат од Владата.

Предлог-законот за правична застапеност се очекува утре да помине на Влада, девет месеци откако Уставниот суд го укина балансерот – алатката за вработување според етничката припадност во државните институции. Личната карта и другите лични документи ќе бидат клучни да се спречи злоупотребата на етничката припадност при вработување во државните институции, потврдуваат извори на „Слободен печат“.
Поентата на предлог-законот е при вработувањата предност да има мерит-системот, односно компетентноста и стручноста на кандидатите, како и позитивната дискриминација.

Власта го фали предлог-законот

Од власта се децидни дека со предлог-законот првпат на повисоко ниво се подигнува уставното начело на правичната застапеност, односно го заменува балансерот.
Според нашите соговорници, изјаснувањето на етничката припадност нема да биде обврска, туку слободна волја на граѓаните за да се избегне замката законското решение повторно да падне на Уставен суд. За да се избегне, пак, лажното изјаснување на етничката припадност, односно злоупотребата, како што се случуваше со балансерот кога Македонци се изјаснуваа за Албанци, Албанци за Турци и обратно, институциите ќе ги проверуваат личните карти на кандидатите, односно јазикот на кој е издадена личната карта и други лични документи и преку вкрстување на информациите од личните податоци на кандидатот.
При вработување припадници на етничките заедници во институциите, релевантни ќе бидат податоците од последниот попис, односно резидентното население. Во институциите каде што е мала застапеноста на некоја од заедниците, ќе се применува позитивната дискриминација, односно таа заедница ќе има предност при вработувањето ако го исполнува и мерит-системот. Ако во некоја институција не е исполнета квотата за одредена етничка заедница, ќе биде направена позитивна дискриминација, односно при иста квалификација, предност ќе има кандидатот од етничката припадност којашто недостига во институцијата.Според извори на „Слободен печат“, овој дел во законот е квалификуван како „еднаков пристап за сите граѓани, каде што клучна би била професионалната компетитивност“.

Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

За спроведување на законот, Владата ќе треба да формира координативно тело кое ќе ги анализира и ќе изготвува извештаи и препораки ако не се почитува некоја од одредбите. Со координативното тело ќе раководи еден од вицепремиерите, а дел од него ќе бидат и министрите, Агенцијата за административни службеници, претставник од Народниот правобранител, од Комисијата за заштита од дискриминација и еден претставник од академската заедница. Не се предвидени казни за институциите што нема да го почитуваат законот за правична застапеност. Според нашите извори, целта на законското решение не е да се казнува, зашто, како што велат, иако има Инспекторат за законот за јазиците, досега ниту една институција не била казнета за непочитување на законските одредби.
Според најавите од Владата, предлог законот за правична застапеност пред да влезе во собраниска процедура, ќе биде испратен за оцена од Венецијанската комисија.

ДУИ го дочека „на нож“

Иако официјално Владата уште не го презентира, опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ „на нож“ го дочека предлог-законот за правична застапеност. Според координаторот на Европскиот фронт, Блерим Беџети, ВМРО-ДПМНЕ иницирала 18 предлози за укинување на секој закон што ја штити еднаквоста.

– Балансерот е укинат, вработувањата се фаворизираат за македонската етничка заедница, оправдувајќи се со лажна меритократија што ги потценува Албанците. Утре се очекува да се донесе предлог-закон што не е за застапување, туку за понижување и целосно деградирање на клучниот столб на Охридскиот договор – правичното застапување на Албанците и на другите етнички заедници. При носење одлуки, Албанците се целосно игнорирани – рече Беџети.

Блерим Бецети Фото: Принтскрин

За доскорешниот владин партнер, Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, предлог-законот е чекор назад во почитувањето на еден од основните принципи на Уставот – правичната и еднаква застапеност на сите заедници. Најголемата забелешка на Таравари, но и на Алијансата на Зијадин Села и на ДУИ, е дека нема казнени мерки за институциите што не го спроведуваат законот, што ја прави оваа иницијатива неефикасна и нефункционална во практика.

Генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети преку Фејсбук реагира дека „без пропорционален калкулатор, без спроведување и без никаква казна за прекршителите, со овој закон, застапеноста на Албанците ќе се намали, бидејќи „дијаспората беше избришана со одлука на оваа Влада“.

– Ова не е операционализација на уставниот принцип, туку брутално поткопување на Охридскиот договор! Закон што не ја штити застапеноста, туку ја делегира на „координативно тело“ без моќ, без мандат и без независност. Ова не е еднаквост! Ова е правна фасада за покривање на политичкото вазалство и повлекување од колективните права на Албанците. Вреди мора да биде одговорен пред народот!“, напиша Ахмети. Тој праша: „Кој ги овласти да преговараат за нашите права и кој ќе сноси одговорност за овој срам што ни се сервира како закон за еднаквост“.

Фатон Ахмети, генерален секретар на ДУИ

Дополнително, побара предлог-законот да не помине на Влада.  Албанскиот опозициски блок најави дека законот нема да помине во Собранието затоа што власта нема Бадентерово мнозинство.

Вицепремиерот Арбен Фетаи од АА која остана дел од власта, вели дека законот за правична застапеност предвидува пропорционална застапеност на сите заедници врз основа на пописот на населението, создавање на владино координативно тело за надзор на спроведувањето на законот и создавање нова методологија за корекција на недоволната застапеност.

И првиот вицепремиер Изет Меџити, реагираше на критиките од опозициските партии.

„Без закон, договорите, вработувањето, одлуките и условите на Албанците ги контролираат шерифите од Мала Речица. Според законот, на секој Албанец му се дава еднаква шанса за вработување во администрацијата. Шерифите од Мала Речица остануваат без работа. Затоа се против тоа!“, напиша  Меџити на Фејсбук.

Изет Меџити / Фото: Фејсбук

Според власта, предлог-законот се заснова на амандманот VI од Уставот и ги обврзува институциите да се грижат за почитување на застапеноста на заедниците во институциите, да нема дискриминација на граѓаните и да водат сметка за професионалната подготовка, компетентност, интегритет, транспарентност и инклузивност.
По одлуката на Уставен суд да се укине балансерот, претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, кажа дека балансерот како алатка е исцрпен и оти ги повредувал уставните одредби за слобода на изразување на националната припадност, достапноста на кое било работно место, како и забраната за дискриминација.

 

ВРЕДИ: Со законот за правична застапеност ги носиме Албанците во центарот на институциите, каде што припаѓаат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот