Себастијан Лекорни, премиер на Франција/Фото: Reynaud Julien/APS-Medias/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Лекорни: Бев подготвен за компромис, но ставот на некои партии е непопустлив

Францускиот премиер во заминување, Себастијан Лекорни, кој поднесе оставка денес утринава, рече дека е „подготвен за компромис“, но во исто време го критикуваше непопустливиот став на политичките партии за време на формирањето на владата.

„Бев подготвен за компромис, но секоја политичка партија сакаше другата да ја усвои нејзината целосна програма“, рече Лекорни во говорот пред палатата Матињон, откако ја поднесе оставката.

Тој изрази жалење за партизацијата на одредени политички партии за време на формирањето на владата, која не помина без проблеми, објави ТВ БФМ.

„Секогаш треба да ја ставате вашата земја пред вашата партија“, рече тој.

Лекорни додаде дека опозицијата е таа што во голема мера одлучува за судбината и иднината, а не само владата.

Тој исто така рече дека политичките партии „се преправаат дека не го гледаат длабокиот раскол“ околу неприменувањето на член 49.3 од францускиот Устав, кој ѝ дозволува на владата да усвои контроверзен закон без гласање, пренесува Танјуг.

Лекорни додаде дека новата влада има „тешка задача, веројатно уште потешка во овој момент“.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни ја поднесе својата оставка до претседателот на земјата Емануел Макрон порано денес, која тој ја прифати, соопшти Елисејската палата. Лекорни беше назначен за премиер на Франција на 9 септември, а со својата оставка стана премиер со најкраток мандат во историјата на земјата, со 27 дена на таа позиција, пишува ТВ БФМ.

Оставката дојде помалку од 24 часа откако беше претставена првата фаза од новата влада, во која главно беа вклучени поранешни министри и блиски соработници на претседателот Макрон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот