
Лавров: Русија бара меѓународно признавање на анектираните украински територии
За да се обезбеди траен мир, Русија бара украинските области анектирани од Москва да бидат меѓународно признати како дел од нејзина територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено денес.
Препорачано
Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да ѝ предаде на Русија четири украински региони, чија анексија беше објавена во септември 2022 година, покрај Крим анектиран во 2014 година, и Украина да се откаже од своите планови за членство во НАТО. Ова се неприфатливи услови за украинските лидери и нивните западни сојузници.
Од друга страна Украина бара руската армија целосно да се повлече од нејзината територија. Русија окупираше околу 20 проценти од Украина.
„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија треба да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Неговиот украински колега Андриј Сибига брзо реагираше на тие изјави:
„Нова серија стари ултиматуми. Русија не ги промени своите брутални цели и не покажува расположение за значајни преговори“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој додаде дека ова докажува дека „апетитот на агресорот се зголемува само кога не е подложен на притисок и сила“.
„Време е да се справат со руската воена машинерија и да се воведат строги нови санкции“, додаде тој.
Русија сè уште бара од Украина да го предаде источниот регион Донбас (вклучувајќи ги градовите Донецк и Лугаск), кој не е целосно под нејзина контрола, но е подготвен да го замрзне конфликтот на југот на земјата по сегашната линија на фронтот, објави минатата недела Турција, која беше домаќин на три рунди преговори меѓу Русите и Украинците оваа година во Истанбул.
Руската армија окупирала околу една петтина од територијата на Украина, а Москва бара анексија на пет области, источните региони Донецк и Луганск, кои го сочинуваат Донбас, и јужните региони Херсон и Запорожје, како и Крим, кој го анектираше во 2014 година.
На разговорите во Истанбул претходно оваа година, руските преговарачи побараа Украина целосно да се откаже од тие територии како предуслов за прекин на конфликтот.
Според Анкара, Русија го омекнала својот став по неодамнешниот самит во Алјаска меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин.