
Квалификации за ОИ: Хрватска низ иглени уши до полуфиналето
Кошаркарската репрезентација на Хрватска со совлада Тунис со 75:70 во последното коло од групата Б на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри кој се одржува во Сплит и се пласира во полуфиналето.
По убеливиот пораз од Бразил, Хрватска немаше право на кикс против Тунис. „Коцкестите“ добро го започнаа натпреварот, одиграа одлично во првото полувреме кое го добија со 42:28, но имаа неверојатен пад во третата четвртина. Тунижаните третиот дел го добија со 29:14 и во последната четвртина влегоа со еден поен предност. Резултатската неизвесност беше присутна до самиот крај кога Марчинковиќ погоди тројка за водство од 72:67 и ги решија дилемите околу победникот.
Марио Хезоња со 27 поени беше најдобар кај Хрватска каде добра партија прикажаа и Богдановиќ со 14 и Жижиќ со дабл-дабл од 14 поени и 12 скокови.
Препорачано
Хрватска во полуфиналето на турнирот кој ќе се игра во Сплит ќе се сретне со Германија, додека во второто полуфинале ќе играат Бразил и Мексико.
На турнирот кој се игра во Белград, домаќинот Србија во полуфиналето ќе игра против Порторико, додека во второто полуфинале Италија ќе се сретне со Доминиканска Република.
Канада – Уругвај и Турција – Грција се полуфиналните парови на турнирот кој се игра во Викторија, Канада.
Словенија предводена од Лука Дончиќ ќе игра против Венецуела додека Литванија ќе се сретне со Полска во полуфиналето на турнирот во Каунас.
Само победниците на четирите турнири ќе обезбедат пласман на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Токио.