Пожар во фабриката „Винчини“ во Виница / фото: Радио Кочани / скриншот

Купувајте ги производите на „Винчини“, за да ја обновиме фабриката! – Стопанска комора со поддршка за „Макпрогрес“ Виница

„Макпрогрес Винчини“ е најголемиот стопански објект во Oпштина Виница, основан пред 35 години и е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во државата. Компанијата извезува 75 отсто од своето производство во 55 држави, а лани остварила извоз во вредност од 35,8 милиони евра

Кампања за засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија, предлага раководството на Стопанската комора на средба со претставниците на домашните трговски синџири. Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, имајќи ја предвид неговата извозна веќе докажана афирмација.

„Макпрогрес Винчини“ е најголемиот стопански објект во Oпштина Виница, основан пред 35 години и е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во државата. Компанијата извезува 75 отсто од своето производство во 55 држави, а лани остварила извоз во вредност од 35,8 милиони евра. „Макпрогрес“ има повеќе од 750 вработени и покрај „Винчини“ произведува уште пет брендови, меѓу кои „Сончева долина“, „Натура“, „Дониа“ и „Фантазија“.

-Винчини ќе биде изградена и консолидирана итно, а сите 500 вработени ќе ги задржат своите работни места – соопштија од компанијата.

Во пожарот вo целост изгоре еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини, од кои еден за суровини и еден за готови производи во нивната главна кондиторска фабрика „Винчини“ во Виница.

-Фабриката ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа. На сите наши производи продажните цени ќе ги задржиме ниски и достапни за потрошувачите како и досега, а дополнително некои цени и ќе ги намалиме како би поттикнале поголема продажба – соопшти менаџментот на компанијата.

Од СКСМ, порачаа дека стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на „Макпрогрес“ според проекциите на менџаментот, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот