
Културните работници на протест:„Извини Зоки, морално (ли) беше!“
Револтираните културни работници кои останаа без плата за велигденските празници се собраа на протест пред Министерството за култура.
Препорачано
Со транспаренти во рацете, тие порачаа дека поводот за овој протест е ударот врз нивното достоинство, ненавремените и јасни насоки за пресметка на плата од Министерството за култура, постојаните обиди за непочитување на колективните договори, што резултираше со доцнење на платите и оставање на над 3.000 вработени во културните институции без пари за велигденските празници.

„Не протестираме за луксуз туку за уставно загарантираното право. Законите треба да бидат еднакви за сите. Бараме да се почитуваат колективните договори и законите, достоинствени услови за работа, стратегија за работа на културата, соодветни унапредувања и звања“, беше кажано на протестот.

Како и секоја година, така и оваа велат дека имаат проблем со платите во март и април. Преку транспарент со зборовите: „Извини Зоки, морално (ли) беше!“ упатија порака до министерот Зоран Љутков.

За време на празничниот викенд, министерот Љутков им се извини на вработените во култура. Тој им порача дека проблемот настанал поради усогласување на платите меѓу сите засегнати, без подетално образложение за што станува збор.
На протестот присуствуваше и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, кој им даде поддршка на културните работници и го повика Министерството да им ја исплати мартовската плата уште денеска.
„Ние културните дојдовме кај некултурните од влада. Министерот до вчера стоеше рамо до рамо со вас, сега се бори против вашите плати и договори што сметам дека е срам“, рече Трендафилов.
Тој ги повика културните работници да им се придружат на протестот на 1 мај.