
Кризата во австриската компанија „Ленцинг“ – сигнал за поширок индустриски пад
Отпуштањата во компанијата „Ленцинг“ ја откриваат длабоката индустриска криза во Австрија, каде што високите енергетски и работни трошоци, падот на побарувачката и конкуренцијата од Кина го притискаат производството. Дополнителен удар се американските царини, кои ги намалуваат извозите и ја слабеат профитабилноста. Австријата сега се соочува со прашањето дали нејзиниот индустриски модел може да издржи во новата глобална економска рамнотежа.
Австриската индустрија се соочува со сериозна криза што одамна не е ограничена само на автомобилскиот сектор. Отпуштањата во компанијата „Ленцинг“, еден од најпознатите производители на влакна од дрвна целулоза во светот, покажуваат дека проблемите се пошироки и подлабоки. Зголемените трошоци за енергија и плати, трговските бариери меѓу САД и Кина и забавената глобална побарувачка создаваат комбинација што тешко се совладува дури и за најсилните индустриски компании. Австрискиот модел на стабилна индустриска база, изгледа, ја губи својата отпорност.
Препорачано
Проблемот почнува во Ленцинг, но не завршува таму
Компанијата „Ленцинг“, чии што влакна од дрвна целулоза се користат за производство на фармерки, пешкири и пижами, бележи загуби уште од 2022 година. Трошоците за енергија нагло пораснаа, а скапите хемиски суровини го намалија профитот. Пазарот на текстил остана преполн по пандемијата, со намалена побарувачка и ограничени можности за зголемување на цените. На тоа се надоврзуваат американските царини за кинески текстил, што индиректно ги погодува и производите на Ленцинг, бидејки голем дел од нив се произведуваат за кинески партнери што извезуваат во САД.
Раководството на компанијата се обидува да ги намали трошоците и да го стабилизира работењето, но минатата недела беше објавено дека ќе се укинат 600 работни места, од кои 250 уште оваа година. Тоа значи дека секој петти вработен ќе остане без работа – потег што, според директорот на Австриската служба за вработување Јоханес Копф, претставува „психолошки удар за целата земја“. Случајот со „Ленцинг“ прерасна во предупредување за пошироката индустриска криза, која веќе ги погодува производителите на машини, металуршките и електронските компании. Падот на извозот кон Германија, најважниот трговски партнер на Австрија, што трае повеќе од една година, дополнително ја потврдува слабоста на индустриската основа на земјата.
Кина доаѓа, Америка си заминува
Кинеските конкуренти стануваат главен предизвик за европските производители. Германските автомобилски компании, најголемите клиенти на австриските добавувачи, се соочуваат со пад на продажбата во Кина, што автоматски ја намалува побарувачката за компоненти од Австрија. Производството во автомобилската индустрија се намали за 16 проценти во изминатата година, а илјадници работни места се изгубени и кај машинските производители. Во исто време, кинеските фабрики го заземаат просторот на европските фирми, дури и во сектори што бараат техничка прецизност, како електрониката и домаќинските апарати.
Од другата страна на Атлантикот, политиките на Доналд Трамп создаваат дополнителен притисок. И покрај делумното намалување на царините меѓу САД и Европа, американските давачки за челик и метални производи остануваат високи, што го поскапува извозот и ги намалува приходите на австриските компании. Во првата половина од 2025 година, извозот на индустриски производи во САД падна за 14 проценти. Со тоа се губи вториот најважен пазар по Германија, а домашните компании остануваат без стабилни купувачи и без простор за нови инвестиции.
Проблемите на „Ленцинг“ само ја потврдуваат пошироката слабост на европската, а особено на австриската индустрија. Намалената глобална побарувачка, конкуренцијата од Кина и високите трошоци за енергија и работна сила создаваат услови во кои дури и најуспешните компании не можат да ја одржат профитабилноста. Австрија, која долги години се гордееше со индустриска стабилност, сега се соочува со прашањето дали нејзиниот економски модел може да опстане во новата глобална реалност.