Кривична пријава за двајца поранешни управители на „Еуроникел индустри“ – намерно ја довеле компанијата во стечај?

Според Управата за финансиска полиција, двајцата поранешни управители на „Еуроникел индустри“ во 2021 година склучиле договори со швајцарска фирма со кои обврзале компанијата да купува руда по берзанска цена, а да продава фероникел по 30% пониска цена, со што целата добивка завршувала кај странската компанија.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против двајца поранешни управители на компанијата „Еуроникел индустри“ од Кавадарци, осомничени за намерно предизвикување стечај и оштетување доверители.

Пријавените предизвикале штета од скоро 1,67 милијарди денари, од кои речиси 99 милиони денари штета за Буџетот на Република Македонија.

Од Управата денеска соопштија дека според собраните докази, првопријавениот Г.К. како управител на „Еуроникел индустри“ ДОО Кавадарци, во периодот од 21 јануари 2019 година до 5 мај 2023 година, и второпријавениот А.Ц. во својство на управител, во периодот од 21 јануари 2019 година до 14 октомври 2022 година, на 2 декември 2021 година склучиле договори со компанијата „Арров Металс Енд Трејдинг АГ“ – Швајцарија, со кои го довеле друштвото во исклучително неповолна положба.

Договорите предвидувале обврска „Еуроникел индустри“ да ја купува никеловата руда по берзанска цена, а да го продава готовиот производ – фероникел, по цена најмалку 30 отсто пониска од берзанската, со што, стои во соопштението, практично целокупната добивка се пренесувала кон странската компанија.

Дополнително, информира Управата за финансиска полиција, пријавените без преземање мерки за наплата на побарувањата, му овозможиле на „Арров Металс Енд Трејдинг АГ“ да се презадолжи, при што до крајот на 2022 година долгот достигнал 1.962.633.269,46 денари. Поради тоа, „Еуроникел индустри“ била доведена во неликвидна состојба и била отворена стечајна постапка. Свесното пропуштање да се заштити имотот на компанијата дополнително му овозможило на странскиот партнер засметување на пенали во вредност од 1.255.832.929 денари.

Со ваквите дејствија, според наодите на Управата за финансиска полиција, пријавените намерно предизвикале стечај на „Еуроникел индустри“ ДОО Кавадарци и предизвикале вкупна штета од 1.669.019.482 денари, од кои 98.981.806 денари штета за Буџетот на Република Македонија, се вели во информацијата од Управата за финансиска полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот