Иван Крастев

Корумпирана борба против корупцијата

Заштитата на лојалистите и селективниот прогон на политичките противници ги мотивира владите да ги стават под контрола независните агенции.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јули потпиша закон со кој на главниот обвинител на Украина му се даваат нови овластувања над две основни државни агенции: Националното биро за борба против корупција и Специјализираното обвинителство за борба против корупција.

Двете агенции беа основани со ентузијастичка поддршка на Западот по бунтот на Мајдан во 2013-14 година.
Илјадници Украинци веднаш излегоа на улиците на Киев и други поголеми градови, со пароли „корупцијата убива“ и „Украина не е Русија“. Тоа беа првите големи антивладини демонстрации од почетокот на нападот на Русија врз Украина во 2022 година. Прекршен е премолчаниот договор владата да не се критикува во време на војна.

Потпишувањето на овој закон ја започна и досега најсериозната криза во односите на Киев со ЕУ и ММФ. На Украина ѝ се закануваше замрзнување на околу 60 милијарди евра од европските фондови. А потоа Зеленски попушти. Наместо да се инаети, го промени курсот и на двете агенции им ја врати независноста.

Излезе дека масовните протести и меѓународниот притисок се можеби најдобрата стратегија во одбраната на демократијата. Но, Брисел би требало да биде повнимателен со својата безусловна поддршка на агенциите за борба против корупцијата. Не се сите тие агенции исти.

Додека илјадници гневни граѓани демонстрираа во Киев, илјадници еднакво лути граѓани на Бугарија излегоа на улиците поради злоупотреба на овластувањата на формално независната комисија за борба против корупција, барајќи нејзино затворање. Протестите беа поттикнати со апсењето на градоначалникот на Варна, кое многумина го гледаат како политички мотивирано и ја обвинуваат антикорупциската комисија дека станала инструмент за дискредитација на опозицијата.

Работите дополнително ги комплицира тоа што протестите против комисијата ги предводат истите оние политичари што ја осмислија и ѝ дадоа овластувања да истражува и апси.

Дали поентата на оваа приказна укажува дека ги фаворизираме антикорупциските органи кога откриваат престапи на нашите противници, а ги обвинуваме кога откриваат недела на нашите сојузници, или тука има нешто повеќе? Протестите во Бугарија покажуваат дека граѓаните се свесни за разорната моќ на корупцијата, но и дека ја разбираат штетата од инструментализацијата на институциите осмислени да ја искоренат.

Соочен со дилемата дали да склучува непопуларни компромиси за да ја запре војната или да донесува непопуларни одлуки за продолжување на војната, Зеленски разбирливо се плаши од ескалација на обвинувањата за корупција на своите сојузници. Дури и ако се неосновани, таквите обвинувања го поткопуваат кредибилитетот на неговата влада.

Многу украински граѓани ја обвинуваат државната корупција за фаталното одложување на изградбата на одбранбената инфраструктура како и за неодамнешните воени неуспеси. Исто така, стравуваат дека мрачните прогнози за исходот на војната влијаат на ризикот од проневери на високи позиции. Владин службеник што ќе згреши дома може да посака да побегне во странство.

Во обидот да ја зацврсти својата власт со донесување нов закон, Зеленски веројатно сметал на презирот на Трамп кон антикорупциските агенции, како и на европската попустливост кон Украина. Пресметката се покажа како погрешна. Ја потцени Европа – и што е уште полошо, го потцени сопственото општество. Таа погрешна процена беше неочекуван подарок за Русија.

Украинските граѓани не ги загрижува само неказнивоста на луѓето на власт, туку и реалната можност заробените институции да станат инструмент за поткопување на демократијата – како што тоа бугарските граѓани од сите политички определби веќе го искусија на своја кожа.

Демонстрантите на улиците на Софија би требало јасно да им стават до знаење и на своите лидери и на оние во Брисел дека институционалниот дизајн не е доволна гаранција за независност на таканаречените независни институции. Изгледа дека уличните протести се последната линија на одбрана од корупцијата, но и од политичката злоупотреба на институциите.

Ризичната замисла на Зеленски да ги потчини агенциите за борба против корупцијата веројатно беше водена од желбата да ги заштити своите лојалисти на кои им се заканува истрага. Но, бугарскиот пример сугерира дека некои влади имаат и помрачни мотиви, особено кога се под притисок: ним контролата на антикорупциските служби им е потребна не само за да им гарантираат имунитет на своите лојалисти, туку и со примена на селективна правда да ги прогонуваат своите противници.

Кога Карл Лугер, градоначалник на Виена од почетокот на 20 век, бил обвинет дека соработува со Евреите додека јавно пропагира антисемитизам, тој возвратил: „Јас одлучувам кој е Евреин.“ Ако корумпираните влади денес почнат да одлучуваат кој е корумпиран, а кој не, демократијата нема големи шанси да преживее.

Пешчаник

(Авторот е член на Европскиот совет за надворешни односи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот