epa12239438 Italian Prime Minister Giorgia Meloni (R) and Austrian Federal Chancellor Christian Stocker attend a joint press conference following their meeting at Chigi Palace in Rome, Italy, 15 July 2025. EPA/MAURIZIO BRAMBATTI

Коридорот Бренер останува точка на судир меѓу Виена и Рим

И покрај пријателската атмосфера и високото ниво на согласност за миграцијата, австрискиот канцелар Штокер не успеа да ја убеди Мелони во потребата од воведување на слот-системот за регулирање на товарниот транзит преку коридорот Бренер. Италија останува резервирана по ова прашање, додека Австрија инсистира на итно политичко решение поради реалниот сообраќаен притисок. Разликите во пристапот укажуваат дека договор сè уште не е на повидок.

Во Рим се одржа средба помеѓу австрискиот канцелар Кристијан Штокер и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Средбата се одвиваше во пријателска атмосфера, а двајцата лидери нагласија дека имаат бројни политички сличности. Посебно силна согласност постои во миграциската политика каде што Австрија и Италија се соочуваат со слични предизвици. Сепак, кога станува збор за прашањето на прекумерниот товарен транзит преку преминот Бренер, видливи се разлики во ставовите.

Штокер во Рим се обиде да го промовира дигиталнот слот-систем како решение за управување со товарниот сообраќај кое е поддржано од Тирол, Јужен Тирол и Баварија. Системот предвидува камионските компании однапред да ги резервираат своите премини со цел да се постигне подобра дистрибуција на товарниот сообраќај и да се избегнат гужви и сообраќајни колапси. Но, Мелони не се изјасни јасно за оваа иницијатива. Канцеларот изјави дека таа изразила подготвеност за прагматични решенија, но не дала директна поддршка на слот системот.
Од италијанска страна, постои отворено противење кон досегашните ограничувања за сообраќај кои ги воведе Тирол. Вицепремиерот и министер за транспорт на Италија, Матео Салвини, веќе има поднесено тужба до Европскиот суд на правда против овие мерки. Според Штокер, реалната ситуација на теренот останува непроменета без оглед на тоа како ќе пресуди судот. Тој нагласи дека е неопходно политичко решение, бидејќи реалниот притисок врз преминот Бренер не стивнува.

Според австрискиот канцелар, Бренер коридорот одамна го надминал својoт капацитет. Секоја година преку овој премин минуваат меѓу 2,4 и 2,5 милиони камиони. Тој посочи дека на долг рок, товарниот сообраќај мора да се пренасочи кон железницата но дека додека не се пушти во употреба тунелот под Бренер, потребна е преодна мерка. Слот-системот според него е соодветна алатка за тоа. Притоа повика на конструктивна соработка и разбирање помеѓу соседните земји бидејќи логистичкиот притисок не познава државни граници.

Во областа на миграцијата пак, владите на Австрија и Италија покажаа високо ниво на согласност. И двете земји се соочуваат со силен прилив на мигранти особено од Либија. Штокер изјави дека Европската Унија направила чекори напред преку Миграцискиот пакт, но дека сепак се потребни нови и иновативни решенија. Како пример тој ја спомена неодамнешната депортација на осуден мигрант од Австрија, додека ја пофали италијанската влада за моделот на прифатни центри надвор од ЕУ. Австрија според него со голем интерес го следи т.н. албански модел на Италија.

Во односите со САД, Штокер изјави дека добрите односи на Мелони со американскиот претседател Доналд Трамп не претставуваат закана за ЕУ туку напротив може да бидат од корист. Тој изрази увереност дека Мелони нема да се обиде да склучи билатерален договор што би ја поткопал европската солидарност. И двајцата се согласија дека ЕУ мора да настапува обединето во трговските преговори и да го зајакне својот внатрешен пазар. Потребно е и да се прошири економската соработка со нови трговски партнери за да се зголеми конкурентноста на европската економија.

Средбата во Рим потврди дека меѓу Австрија и Италија постои добра дипломатска хемија, но исто така ги покажа и ограничувањата на оваа соработка особено кога се работи за чувствителни прашања како што е товарниот транзит преку коридорот Бренер. Иако разговорите беа пријателски и конструктивни, конкретни решенија не беа донесени. Штокер останува оптимист дека ќе се најде компромис, но, патот до тоа ќе бара дополнителни напори и добра волја од двете страни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот