
Кон растежот на нашата книжевна продукција
Иако во изминатиот период се случуваа непосредни средби, различности во критичката мисла, непредвидливи временски промени, бев пријатно, едноставно облагородена од разнобојноста, ширината, теоретската разврска, за што прочитав многу дела, сумирајќи ги резултатите во висока оценка, дека младите генерации слободно го воздигнуваат успехот и успението на нивните автори.
Слободно можам да кажам дека од периодот на основното образование во Битола покажав голем интерес за македонското книжевно творештво, како и за народното. Значи, од денешен аспект цели осумдесет години сум редовен консуматор на книжевното авторство. За тоа придонесоа и континуираните мои контакти со другарот на мојата постара сестра Љупка, со Анте Поповски, кој како да беше редовен член од нашето семејство. Паралелно со него дејствуваа и моите чести контакти со Слободан Мицковиќ, чие семејство беше многу блиско со моето, но посебно нè поврза Литературната дружина во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.
Препорачано
Во секој случај, како редовен нејзин проследувач, во овие денешни пензионерски денови, посакав подлабоко да навлезам во творештвото на помладата генерација. И токму кога почнав почесто да сум присутна во ДПМ, тоа се случи по консултацијата на побројни македонски изданија, кои го донесоа мојот посакуван заклучок. Иако во изминатиот период се случуваа непосредни средби, различности во критичката мисла, непредвидливи временски промени, бев пријатно, едноставно облагородена од разнобојноста, ширината, теоретската разврска, за што прочитав многу дела, сумирајќи ги резултатите во висока оценка, дека младите генерации слободно го воздигнуваат успехот и успението на нивните автори. Во случајов, запирав врз неколку впечатливи примери на авторови воскреснувања, во проучени состојби или текстови, во кои доминираат безбројни впечатливи примери, што посебно доаѓа до израз и одраз во насловите на книжевните дела.
Посебно голем број мислења предизвикуваат кај авторите барање на смислата за да се наслика Човекот. Јордан Хаџи-Константинов Џинот: „Човек е произведен от чувство, човекот е мошне мал створ, колку слачицно зрно, колку паужина, колку свилена буба, колко снегова грутка, колко огнена искра, колко една капка водица…“, „Човек все мери, с мерило, а себе неќе да се измери“.
Елизабета Јончиќ својата книга ќе ја наслови „Човек глагол“, со што предизвикува читателот да се потсети на бројни глаголски дејствија што човекот ги врши, работи, спие, пишува, сонува, размислува…
Изненадуваат и многубројните толкувања на „зборот“. Жарко Кујунџиски во најновата наградена книга „Приказничар“ го објаснува првиот збор: „Прв збор – ма-ма“. И Симона Јованоска со насловот „Денот на црвот“, или на Снежана Младеновска-Анѓелков „Живот гласен како црцорот на цикадите“. Петре Димовски со романот „Искра“ ја „раѓа“ и преродува Битола.
Посебен одраз во мене втисна книгата „Мирисот на книгата“ од Живко Новески, со корица – слика на многу книги во полици. Уште од корицата го внесуваме разгалено „мирисот на душата“. Колку само зборови таа крие. Милчо Мисовски издаде наслов „Зборови од хартија“, ненамерно надоврзувајќи се на Живко Новески, зашто и најскапите мисли се отсликуваат во зборови.
Иван Џепаровски во „Посвети и пофалби“ создава величествени вреднувања и слики на афирмирани македонски книжевници, во нагорно величие, антологиски осврт за Анте Поповски, длабинско вникнување во целокупниот опус на Георги Старделов, во „Стари и нови занаети“ за Горан Стефановски, откривајќи ја поезијата, но и пандемиското време за дивеењето, за смртта, со пофалби за депонијата на умот. Во „Ехо на светлината“ од Мирјана Тренчева интересен е цитатот што го зема од Бранко Миљковиќ како мото на книгата, неверојатно добро избрано мото, што е рендген снимка на нејзините одминати творечки години: „Големиот збор ни од срцето, ни од главата, туку како болка или цвеќе расте.
И тоа е одбрана на Земјата“. Презема и второ мото од Матеја Матевски: „Светлината што е рамна на човечки глас, на едно шепотење што останува да одѕвонува и тогаш кога сè ќе прекрие тишината“. Ефтим Клетников кулминира со оценката: „Мирјана Тренчева е чист импулсивен лиричар. Целата нејзина поезија без исклучок своите стихови ги позема и сеизмографски ги бележи на хартија. Според ритамот и отчукувањата на срцето, спонтано и длабоко. Најновата стихозбирка супериорно го демонстрира тој поетски метод, како ‘раката на битието’ (Хајдегер). А Конески би рекол: ‘Како порив, сличен на изворот, кој сака од длабочината да излезе на површина, и за смислата не прашува‘“.
За да се истакнат новите пробиви на книжевниот текст, да ги посочиме меѓу многубројните научни собири и изданијата во чест на: Од Јубилејот на Блаже Конески, на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, научниот собир „Значењето низ времето и просторот“. Денес се наоѓаме стеснети меѓу времето и просторот, со сознанија за нив, дека јазикот е систематски втемелен во човечкото сознание, и со тоа ја посочува когнитивноста лингвистичка, која ги поврзува времето и просторот. Ова е застапено во текстовите на Симон Саздов, Елени Бужаровска, Олгица Додевска, Билјана Мирчевска. Билјана Маленко апострофира десет најубави зборови (љубов, сонце, среќа, убавина, радост, срце, природа, цвеќе, здравје, семејство, музика), а Снежана Веновска-Антевска – десет неубави зборови (смрт, болест, омраза, тага, убиство, војна, несреќа, љубомора, лага, ѓубре, злоба, завист, глуп, неписмен). И двете авторки го проучуваат современиот научен допир до зборовното разногласие, врутокот од македонски зборови.
Зборот тишина по објавената песна на Ацо Шопов „Во тишина“ („Ако носиш нешто неизречено,/ нешто што те притиска и пече,/ закопај го во длабока тишина,/ тишината сама ќе го рече“.), овие стихови предизвикаа бројни толкувачи. Како очевиден пример го посочувам насловот на Никола Маџиров „Дом во тишина“, кај кого поезијата патува бавно и тивко како пердув меѓу разурнати згради, скита далеку во времето како писмо без адреса на пликот. Избраните мота го покажуваат и неговото нурнување во суштините на искажувањето: Сузан Сонтаг: „Тишината е врвниот трансцендентен чин на уметникот; преку тишината тој се ослободува себеси од понизното ропство“. А Мартин Хајдегер истакнал: „Боговите што постоеле некогаш ‘се враќаат’ само во вистинско време“. Александра Пизарник се самоанализира: „Не знам за птиците, ниту за историјата на огнот, но верувам – на мојата осаменост ѝ се потребни крилја“ (од острата тишина на осаменоста). Константин Кавафис: „Како не забележав кога ги градеа ѕидовите! Никогаш не ги чув градителите, ниту еден звук“ („Ѕидови“).
Сите разгледници ја пренесуваат тишината од смрзнатите слики на плоштадите, спомениците, човечките лица. „Сите напуштени ќошиња на градот, сите звуци и нешта сè уште ги содржат своите тишини, исто како што, напладне во планините, се слуша тишината на птиците, на секирата, на жегалците“ – пишува Валтер Бенјамин. А Вислава Шимборска: „Кога го изговарам зборот тишина, го уништувам“ („Трите необични зборови“).
Со книгата на Никола Маџиров „Дом во тишина“ ќе ги прошириме наведениве сознанија.
(Авторката е професорка во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“