Вера Стојчевска Антиќ

Кон книжевното наследство на Георги Сталев

Како поранешен студент на професорот Георги Сталев, а потоа и како колега, пријатно ме изненади новиот објавен наслов „Аспекти на македонскиот книжевен реализам“, зашто неговото книжевно и научно творештво ми било целосно познато и многу прифатливо. Во случајов, оваа објава, на неговата 96-годишна возраст, ме прикова за работниот стол.

Бев пријатно привлечена од текстот, бидејќи тој беше реализирана анализа на неговото богато творештво, посебно од аспект на книжевното дело, во развојот на книжевниот реализам.

Интересно е што појавата на ова дело има посебна важност, исполнета од неговиот, исто така екс-студент, професорот Веле Смилевски, кој се јавува како уредник и издавач на книгата. Неговиот однос кон творештвото на професорот Ѓорѓи Сталев се истакнува со високи вреднувања уште во самиот предговор: „Станува збор за обемен и значаен корпус на книжевни остварувања, во националната литература доминираат во споредба со делата остварени под ознаката на сите другиизми (модернизам, симболизам, постмодернизам итн.). Среќна околност е тоа што со оваа сложена и значајна материја се зафатил еден од нашите најпроникливи толкувачи на литературните дела, зналец од формат, со став што импонира и искуство што нуди сигурност во проникливите анализи, критичарот и есеист, долгогодишен универзитетски професор по книжевност д-р Георги Сталев…“.

Секако со овие истакнувања на Смилевски може реализирано да се прифати суштинската висока оцена на едно богато творештво. Како студент и колега на Сталев имав долгогодишна можност да бидам во тесна комуникација со длабок книжевен историчар, но истовремено со надарен поет, со преведувач и препејувач на еминентни светски автори, а со поемата „Сердарот“ ги всадил своите стихови, не само во македонскиот народ, туку и во светот. Очевидно, синот на високо вреднуваниот автор Стале Попов, не можел, а да не ги совлада и татковите патокази, кои биле толку длабоко всадени во македонскиот 19. век, во извонредниот македонски роман со македонска суштина – „Крпен живот“.

Во своето творештво Сталев го анализира развојот на реализмот во македонската книжевност, разбирливо како значаен дел од македонската книжевна историја. Неминовно тргнува од битовиот реализам за да продолжи со континуирано проследување на книжевните правци, со претставување на нивните книжевни автори. Секако, одлуките од Второто заседание на АСНОМ во 1944 година остварија пат за слободно и законито напредување на македонскиот книжевен збор.

По кодификацијата на македонскиот литературен јазик веќе во 1946 година се отвори македонскиот народен театар, Универзитетот во Скопје „Св. Кирил и Методиј“, Операта и балетот при МНТ и други научни и културни институции. Се формира ДПМ, а веќе во 1945 година препознатливи беа: Коле Чашуле, Владо Малески, Јован Бошковски, Иван Точко, Радослав Петковски, Славко Јаневски, Ѓорѓи Абаџиев итн. Сталев ги знае сите развојни линии на македонската книжевност во нејзиниот позитивен раст, но и во тековните пресвртници, неминовни во развојот и на сите југословенски книжевности. Ги апострофира сите значајни чекори на еминентниот македонски поет Кочо Рацин.

Во втората фаза се развива и македонскиот роман, кој го открива македонскиот селанец во делата на Стале Попов, крај на 19-тиот и почеток на дваесеттиот век, додека пак Јордан Леов го открива менталитетот на чаршијата, со сите пропратни доблести на Славко Јаневски, Владо Малевски, Симон Дракул, Димитар Солев и др. Во оваа фаза се јавија и спротивставените мислења „за и против реализмот – модернизмот“. Истакната е стихозбирката на Конески „Везилка“, која го поттикна интересот за митот и легендата. Веќе во 1950-1955 година се јавува борбата против социјалистичкиот реализам, против догмата. Се јавија спротивставени мислења, за стапките на традицијата се определи „Современост“ со Димитар Митрев, а за новите идеи – „Разгледи“ со Димитар Солев.

Третата фаза ја исполнуваат главно млади автори поети и романсиери и се открива метафоричниот расказ, „Нова Пасквалија“ од Живко Чинго, „Седмиот ден“ од Петре М. Андреевски.

Во насловот „ Реализмот како континуитет“ се претставени 25 автори, во еден последователен редослед на реализмот, меѓу кои се: Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Слевко Јаневски, Блаже Конески, Симон Дракул, Методија Фотев, со завршница – Драгица Најческа. Презентираниот текст нѐ навраќа кон богатото книжевно наследство на Сталев со одредени надополнувања. Со колегата Сталев сме во постојана комуникација, а нашите дијалози само отвораат нови тематски влијанија. Моите дијалози се однесуваат посебно на моето задоволство што книжевните изданија, може да се рече од четвртата генерација книжевни автори, се збогатуваат и вишнеат кон ниви видици што значи книжевниот растеж е присутен преку делата во нашата реалност. Дијалозите на Сталев најчесто нè навраќаат кон мојот стимул да го објави необјавениот, а одамна подготвен роман „Нечиј дваесетти век“, со веќе доживеана интересна историја.

(Авторката е професорка во пензија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот