Фото: МИА

Компанијата „Пејпер мил“ од Кочани од денеска повторно почнува со работа

По прекинот во работењето и подобрувањето во системот за испуштање издувни гасови од фабричкиот оџак, од денеска компанијата за рециклирање хартија „Пејпер мил“ од Кочани повторно почна со производниот процес.

Производството беше запрено пред околу еден месец, со одлука на раководството на фабриката, откако Државниот инспекторат за животна средина издаде решение таа да работи единствено на котел на природен гас, сè до моментот на решавање на проблемот поради кој се јавило надминување на пропишаните гранични вредности.

„Согласно последните мерења на акредитираната лабораторија, емисиите во воздух на речиси сите параметри беа во рамки на А-интегрираната дозвола, а отстапки беа евидентирани единствено во емисијата на јаглероден моноксид. Во текот на едномесечниот прекин на работењето, „Пејпер мил“ интензивно работеше на финализирање на унапредувањето на производствените процеси во насока на обезбедување на поголема енергетска ефикасност, а со тоа и дополнително намалување на емисиите. За намалување на нивото на јаглероден моноксид и негово доведување во граничните вредности, како и подобрување на перформансите на ложиштето на котелот за подобро согорување на горивото, инвестирано е во дополнителни вентилатори и каналски систем со дифузери потпомогнати од фреквентни регулатори. Направено е и детално чистење на котелот на биомаса, а поставени се мерни и регулациони инструменти со кои се врши автоматска регулација и континуирано следење со нивото на емисии“, стои во известувањето од компанијата „Пејпер мил“.

Од кочанската фабрика за хартија нагласуваат дека дополнително е подобрен и системот за одземање цврсти честички од издувните гасови, односно унапредени се перформансите на таканаречениот вреќест филтер. Подобрен е и технолошкиот процес што директно влијае на потрошувачката на пареа, односно инсталиран е нов вакуум систем и систем за фино прочистување на масата.

Во изминатиот едномесечен период, додека траеше прекинот во работењето, „Пејпер мил“ ги задржа сите 109 вработени со исплата на целосна плата, а од денеска целиот колектив повторно се враќа на работа.

По финалните прилагодувања во текот на работниот процес, кон крајот на август акредитирана лабораторија ќе изврши контролни мерења на испуштањето издувни гасови од фабричкиот оџак.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!