Фото: Слободен печат/Васка М. Младеновска

Коморите на Битола и Прилеп со единствена платформа за развој на Преспанско-Пелагонискиот регион

На иницијатива на претседателите на Регионалните комори на Битола и Прилеп, денеска во Битола се одржа Форум за унапредување на економскиот и општествениот развој на Пелагонија и Преспа.

На Форумот се дискутираше за унапредување и развој на инфраструктурата во Пелагонискиот плански регион како интегрирана целина во нашата држава и поврзувањето на регионот пошироко.

Според Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора со седиште во Битола, за подобрување на условите за работа на компаниите од Пелагонискиот регион, неопходно е подобрување на патната инфраструктура.

-Имаме скап транспорт. Секој ден од сите големи компании како што се „Свисслион Агроплод“, „Киро Дандаро“, „Витаминка“, по речиси пет до шест шлепери дневно поминуваат низ Пелагонискиот регион. Тоа дополнително прави да не сме конкурентни, и не можеме да се приклучиме кон Грција која ни е најблиска држава од ЕУ. Токму затоа, неопходно ни е подобрување на патната и железничката инфраструктура-истакна на форумот претседателот на Регионалната комора во Битола, Мирко Велковски.

Фото: Слободен печат/Васка М. Младеновска

Тој додаде дека Пелагонискиот регион е близок до Грција и Албанија од каде што гравитираат десет милиони граѓани. Токму затоа според него подобрувањето на патната и железничката инфраструктура е значајна и за соседните земји.

Иницијативата за овој форум произлезе од сеќавањето од едно друго време кога Пелагонискиот регион беше мошне развиен, рече на форумот во Битола претседателката на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Ирена Јакимовска.

-Ние не можеме да го вратиме времето назад, но анкетите кои беа направени од стручни лица а и од Универзитетот покажаа дека треба да градиме една нова Пелагонија. Токму затоа, за првпат после 30 години се зближивме сите заедно: Комората, владиниот и невладиниот сектор, како и високото образование, јавно дебатиравме што е она што треба да ѝ се случи на Пелагонија за да постигне подинамичен развој, дури и за наредните 100 години. Сите компании од Пелагонискиот регион се согласија дека треба да се обединиме околу развојот на Пелагонија. Сите тие дадоа голем број предлози кои се многу едноставни, само треба некој да сака да ги имплементира со што, согледувањата покажуваат дека двојно ќе се зголемат приходите, профитот и извозот, а тоа значи подобар општествен и животен стандард-рече Ирена Јакимовска, претседателка на Регионалната комора во Прилеп.

Според неа од сите предлози кои произлегоа од јавните анкети, одлучиле предлозите да ги поделат во два дела, а денеска во Битола, на дневен ред се најдоа платформата за инфраструктурата, енергијата, депониите и најклучната енергија а тоа е човекот, посочи Јакимовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот