
Колку пари досега сме им подариле на концесионерите на националното богатство?
Регулативата овозможила користењето на минерални сурови да биде најевтино кај нас во однос на сите европски земји. Но и покрај тоа, имало големи кусоци во наплатата на концесискиот надоместок и големи доцнења
Од 1 јануари 2025 година, надоместоците за експлоатација на природни ресурси ќе се зголемат до 100 проценти, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Оттаму велат дека оваа мерка е дел од напорите за пофер наплата и регулирање на користењето на националните богатства. Под управување на концесионери се околу 330 квадратни километри или 1,3 проценти од вкупната територија на државата.
Препорачано
Измените во Тарифникот за концесии, усвоени од Владата и објавени во Службен весник, предвидуваат: зголемување на надоместокот за 30 проценти за просторот за експлоатација, за експлоатација на мермер 5 проценти од приходот од продажба, за Металични минерали зголемување од 2 на 4 проценти и за неметалични минерали просечно зголемување од над 100 проценти.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на неодамнешниот брифинг со новинарите рече дека државата има издадено 343 концесии и дека таму владее анархија.
-Не знаеме ни којшто копа, ни којшто прави. За надоместокот направивме сериозна анализа во целиот регион и во целата Европска унија и кај нас тој е најнизок – рече министерката и посочи дека се планира значајно зголемување на надоместокот.
Сериозни забелешки имаше и Државниот завод за ревизија во објавениот извештај пролетва. Од Извештајот може да се види дека во периодот 2018-2022 година утврден е помалку наплатен концесионерски надоместок за околу 340.000 евра, како и ненавремено наплатени надоместоци во вкупен износ од 19,1 милион евра за кои не е вршена пресметка и наплата на затезна камата.
Ревизорот посебно се осврнаа на експлоатацијата на мермерот. Тој посочи дека државата има незначителни придобивки од продажба на најквалитетниот мермер, односно дека добила само 1 процент во однос на приходот направен од продажба. Така, за периодот од 2018 до 2020 година, државата наплатила 1,7 милиони евра.
„Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор на реализација на склучените договори. Отсуството на долгорочна стратегија, слабостите во законската регулатива, нецелосно ажуриран регистар на податоци на склучени договори, нецелосен катастар на минерални суровини и недоволната ефикасност во реализацијата на обврските по склучените договори, нецелосен катастар и недоволна ефикасност во реализацијата на обврските по склучените договори за експлоатација на минерални суровини не обезбедуваат сигурност и доволна подготвеност за одржливо управување со минерални суровини“, пишува во Извештајот.
Државниот завод за ревизија од лупа ги ставил концесиите и во 2021 година. И во тогашниот извештај наодите се слични.
Сега се експлоатираат околу 50-тина минерални суровини, најмногу концесии – 106 се издадени за експлоатација ан варовник, за вода-49, за песок и чакал-44 и за експлоатација на мермер има 29 концесии.