Фото: EPA/STRINGER

Која е цената на војната во Газа

Колку подолго остануваме настрана и немо го набљудуваме дивјаштвото во Газа, толку поголема штета му нанесуваме на сопственото чувство за правда и верба во владеењето на правото. Недејствувањето пред злосторствата не е неутралност – тоа е соучесништво.

Бидејќи ужасите во Газа продолжуваат, поради отсуството на каков било план за ставање крај на насилството, потребно е да се постави прашањето колкава ќе биде цената на тоа, не само на регионално, туку и на глобално ниво. Страдањето нанесено на невините цивили во Газа стана речиси неописливо. Сепак, Израел одлучи да ја засили воената операција, отворајќи нова фаза од својата регионална експанзионистичка политика, со сериозни последици во однос на меѓународниот мир и безбедност, но и хуманитарната криза во Газа.

Израел продолжува неказнето да убива цивили – меѓу нив жени, деца и новинари – не наидувајќи практично на никаков отпор од Западот. Додека бомбите паѓаат деноноќно, цивилите се изложени на глад и жед. Со повеќе од 60.000 мртви (потврдени бројки), родителите бараат залак леб и капка вода за своите деца. Пред ова не смееме да останеме неми. Qui tacet consentire videtur (Молчењето е одобрување).

Еден од најголемите умови на Западот, Алберт Ајнштајн, ги виде последиците од таквото молчење за време на холокаустот, од кој побегна: „Светот нема да го уништат оние кои прават зло, туку оние кои ги набљудуваат, а ништо не преземаат“. Недејствувањето овозможува злото да цвета. Вреди да се потсетиме дека целосниот обем на геноцидот извршен за време на холокаустот беше откриен дури подоцна. Западот тогаш реагираше на соодветен начин, изведувајќи некои од одговорните пред правдата во Нирнберг и на подоцнежните судења за воени злосторства.

Меѓутоа, денес луѓето од сите вери и од сите слоеви на општеството секојдневно се сведоци на директен пренос на неумолива убиствена офанзива. Оваа суровост го труе целиот свет. Таа го нарушува нашиот колективен дух. Колку подолго стоиме настрана и го набљудуваме тоа раширено дивјаштво, толку е поголема штетата што му ја нанесуваме на сопственото чувство за правда и верба во владеењето на правото. Уште полошо, кој може да се сомнева дека другите, набљудувајќи ја неказнивоста на Израел, веќе не размислуваат за сопствените масовни злосторства?

Она што започна како трагична војна во Газа, прерасна во низа израелски воени злосторства и акти на геноцид. Совесните политичари, угледните академици и стручњаци навреме укажуваа на сериозноста на ситуацијата. За оние кои од целиот свет го набљудуваат она што се случува, несфатливо е како Израел може да ги продолжи своите злодела во Газа. Како што гласеше насловот на неодамнешниот коментар во Њујорк Тајмс, од израелско-американскиот историчар Омер Бартов: „Јас сум стручњак за геноцид. Знам кога го гледам“.

Повикувајќи се на дефиницијата за „геноцид“ на Обединетите нации, која опфаќа намера да се спречи некоја група да се обнови, Бартов заклучува: „Токму тоа Израел се обидува да го направи“. Слично на тоа, специјалната известувачка на Обединетите нации за Палестина, Франческа Албанезе, неодамна изјави дека Израел „спроведува еден од најсуровите геноциди во модерната историја“.

Дури и поранешни израелски премиери и началници на генералштабот ги опишаа овие злодела како воени злосторства, повикувајќи на нивно моментално прекинување и осудувајќи ги нивните извршители.

Половина век по потпишувањето на Хелсиншкиот завршен акт, навистина е тажно да се види толку очигледно газење на меѓународните правила и човековите права. Разбирливо е дека демократските општества се во превирања поради ситуацијата во Газа. Довербата на граѓаните во нивните влади е сериозно разнишана и тоа поради очигледниот јаз меѓу она што се зборува и она што се прави. Навистина, една од најголемите глобални цени на оваа војна е тоа што го разоткри лицемерството на толку голем број земји.

Најодговорни се Соединетите Држави, кои ја одржуваат својата безусловна поддршка за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Но, тие не се единствени. Иако бројни европски земји ја признаа државата Палестина или се подготвени да го сторат тоа, продажбата на оружје за Израел сè уште трае, давајќи му на Нетанјаху зелено светло да ја продолжи својата војна против народот на Газа.

Израел повеќе не е онаа нација која изникна од ужасот на холокаустот. Сега нанесува неизмерно страдање на стотици илјади невини луѓе, во размери кои не се видени со децении. Војната речиси сигурно ќе се покаже како самодеструктивна. Освен што Нетанјаху, кој ја предводи најекстремната десничарска влада во историјата на Израел, ги поткопува судовите и другите демократски институции, за да ја задржи власта и да избегне одговорност, политиката и реториката на неговата влада истовремено поттикнуваат и антисемитизам низ целиот свет.

Геноцидната кампања на Израел во Газа продолжува пред нашите очи, а времето истекува. Штетата која се нанесува, не само на Газа туку и на човештвото и светскиот поредок, едвај може да се пренагласи. Сите заеднички вредности за кои Европа тврди дека ги брани – демократијата, владеењето на правото и човековите права – се под закана. За да се стави крај на војната во Газа, Европа мора да игра поактивна улога во пронаоѓањето на трајно решение. Само тогаш може повторно да изгради доверба и углед кои сега ги губи.

Мораме да се сетиме на зборовите на Ајнштајн. Недејствувањето пред такво раширено страдање значи соучесништво, а не неутралност. Цената на оваа војна станува преголема и за нас и за идните генерации. Ако веднаш не се преземат мерки за да се заштити демократскиот, на правила заснован и кон човекот насочен меѓународен поредок, целиот свет ќе ја плати цената.

Вијести

(Авторот е поранешен претседател на Турција)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот