
Кој не сака да даде точна адреса, ќе си го прочита името на сајтот на Министерство за здравство
Граѓаните што се поигруваат со инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, на начин што им даваат грешни адреси, грешни телефонски броеви, не можат да бидат пронајдени за да им се додели писмено решение за изолација, наскоро ќе си ги читаат имињата на веб страницата на Министерството за здравство.
Препорачано
Ваквата најава дојде од министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека инспекторите имаат сериозни проблеми да ги поделат решенијата, не можат да постигнат и многу време се губи со оние кои не сакаат да соработуваат со здравствените власти.
– Инспекторите имаат сериозни проблеми кога ги делат решенијата за изолација. Голем проблем е да се поделат решенијата. На помош викнавме и вработени во Собранието за да помогнат во изготвувањето на решенијата и во нивното делење, зашто едноставно, инспекторите не можеа да постигнат. Луѓе не ги примаат овие решенија со различни причини, даваат грешни адреси, грешни телефони на анкетата, инспекторите не можат да ги најдат и тоа е сериозен ризик. Затоа, наскоро ќе го расчистиме тоа и јавно ќе ги објавуваме веројатно на страницата на Министерството за здравство, рече министерот, додавајќи дека веднаш штом името ќе биде објавено, ќе се смета дека граѓанинот го примил и дека решението добива полна важност.
Во однос на тоа како се пресметува смртноста во нашата земја, Филипче рече дека има нов правилник од СЗО за тоа како се пресметуваат случаите односно процентот на смртност од Ковид и дека нашата земја ќе ја ревидира методологијата.
– Ние имавме пристап со кој што правевме пост мортем брисови со индикација, со цел да се заштитат семејствата на починатите. Точно е дека има основна причина за смрт и фактот дали пациентот е носител на вирусот или не. Заради тоа што има пациенти што ќе починат заради друга состојба, на пример, на клиниката за гастроентерохепатологија заради крварење и тоа е основната причина за смртта. Но, во исто време истиот пациент е позитивен за ковид. Во нашата евиденција сега се евидентира како ковид, меѓутоа имавме состанок со директорот на институтот за судска медицина, за да ја ревидираме оваа методологија. Пак ќе кажам, цело ова детално интензивно испитување на пациентите и пост мортем земањето на брисеви, беше со цел да се создаде целосна епидемиолошка слика и да се заштитат членовите на семејствата или блиските на тие починати, објасни министерот за здравство Венко Филипче.