Мицкоски тргна кон поранешните раководства на безбедносните агенции

Кој е „Џокер“, кој му наредил и одобрил да го следи сегашниот премиер, а поранешен лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски и која безбедносна служба го ангажирала? Овие прашања се отворија откако Мицкоски од собраниска говорница обзнани дека извесен извор „Цилиндер“, кој потоа бил преименуван во „Џокер“, физички го следел како основач и финансиер на параполициска воена вооружена формација. Ова, според премиерот, служело како покритие за да биде физички следен тој, сопругата, синот и членови на партијата во 2020 и 2021 година пред локалните избори.

По скандалот со масовното прислушување и по доаѓањето на СДСМ на власт, безбедносните агенции беа реформирани, па така поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање со која директоруваше Сашо Мијалков стана Агенција за национална безбедност, беше формирана Оперативно-техничка агенција, како самостоен државен орган и таму премина опремата за прислушување, додека Агенцијата за разузнавање си остана во надлежност на претседателот. Но и покрај реформирањето, АНБ и АР беа критикувани уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, за партизираност и незаконско следење, па „војната“ меѓу сега владејачката партија и раководствата на безбедносните служби не е нова. Во 2020 и 2021 година на чело на АНБ беше Виктор Димовски, поранешен амбасадор, додека АР ја водеше Еролд Муслиу, па наводното следење на Мицкоски било во период додека тие раководеле со овие институции.

ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше Димовски дека бил долгогодишен партиски функционер на највисоките тела на СДСМ, меѓу кои на Извршниот одбор на партијата. Во неговиот мандат се случи скандалот со украинскиот политичар Александр Онишченко кој добил македонско државјанство иако бил на листата на санкции на САД. Партијата објавуваше и фотографии на кои според нив, се гледал Димовски меѓу другите членови на Извршниот одбор на СДСМ, но не беше обвинуван за следење на опозиционери.
Муслиу пак беше обвинуван дека Агенцијата ја претворил во партиски штаб на СДСМ. Токму тој, во партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, беше посочен дека следел функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Партиски обвинувања за АР

– Еролд Муслиу, кој раководеше со Агенцијата за разузнавање (АР), злоупотребувајќи ја позицијата, активно следеше функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а од агенцијата направи партиски штаб на СДСМ, тврдеше ВМРО-ДПМНЕ откако го разреши Муслиу.

Но, неговото име се споменуваше и кога беше на функција, па прв за тоа зборуваше потпретседателот на партијата, Александар Николоски, кој сега е министер и кој тврдеше дека тој и Мицкоски биле следени од страна на Агенцијата за разузнавање.

-Најзлоупотребувана беше Агенцијата за разузнавање. Јас бев многу прецизен кога изнесував информации и мислам дека во следниот период многу од тие работи ќе излезат и пред соодветните институции ќе си бидат институционално решение, затоа што се вршеше нелегално следење и мое и на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, како и на еден круг луѓе во опозицијата. Не им успеа таа игра. Самото тоа што се нарекува Агенција за разузнавање, нејзина работа е надвор од Македонија, а тие правеле следење внатре во Македонија, што мислам дека е доволна индикација дека се работи за нелегални активности, тврдеше Николоски кога дојдоа на власт, но и претходно го посочуваше директно Муслиу, за што добиваше и деманти од АР.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова експресно го разреши Муслиу кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, а тој излезе со жестока реакција дека претседателката попуштила под партиските притисоци.

Најавите на Николоски се совпаѓаат со тврдењата на Мицкоски, кој во своите изјави во Собрание беше повоздржан, не посочи која Агенција ги следела, но откри повеќе детали како биле следени и врз која основа.

-Претпоставувам најголемиот дел од вас биле дел од таа параполициска воена вооружена формација составена од, внимавајте на ова, македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани, кои имаат за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО – ДПМНЕ. И, ова е многу интересно. Нарачател и финансиер на оваа параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни националистички настроени елементи е професор-доктор Христијан Мицкоски – рече Мицкоски од говорницата.

Од она што го кажа, Мицкоски бил следен од измислен извор под име „Цилиндер“, кој доставил информација дека Мицкоски бил дел од вакви структури. Овој извор го следел Мицкоски физички додека пешачел на Водно со две женски лица, кои наводно му презентирале информации од политички интерес. Изворот потоа се преименувал во „Џокер“ и го следел и во манастирот Свети Јован Бигорски наводно на средба со припадници на патриотско друштво, за да ја нарушат безбедноста, односно како уште едно алиби да биде следен.

Обвинителството истражува

-А тоа што се пуштани дописи за поедини членови на параполициско воена вооружена формација, дел од нив сте и тука за да не добивате сертификати, тоа е друга тема. Со измислени извештаи, тоа е сосема друга тема, како сето тоа се злоупотребувало. И како на перфиден начин се креирало мислење. Со лажни информации, лажни податоци, само поради тоа што се создава кредибилитет од институцијата од којашто доаѓа таа информација – рече Мицкоски.

Министерството за внатрешни работи не било информирано за ова следење бидејќи тогаш со него раководеше Наќе Чулев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој од настан на кој беше заедно со републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, го повика Обвинителството да го истражи случајот, а од Обвинителството експресно стигна соопштение дека Коцевски веќе оформил предмет по допрен глас за незаконско следење на безбедносните служби.

-Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите. Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија – соопшти ЈО.

Премиерот не кажа како дошол до овие информации, како бил ангажиран тајниот соработник, дали имало и дали воопшто била потребна судска наредба за вакво тајно собирање на информации.

Овие обвинувања се актуализираа во период кога не престануваат јавните рекации по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Бојан Христовски, кој порано бил член на ВМРО-ДПМНЕ, ги исполнува законските услови да биде директор на Агенцијата за национална безбедност. Антикорупциска не виде ништо спорно во неговиот сертификат за англиски јазик за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, поврзано со издавање на лажни сертификати. Не виде ништо спорно ниту во неговата диплома за високо образование на приватниот универзитет за туризам и менаџмент, каде што завршил експресно брзо, односно за една година.

Случајот го водеше Цвета Ристовска, која предавала на истиот факултет, па се отвори прашањето и за конфликт на интереси во постапувањето по случајот.
Освен за Христовски, претставки до ДКСК има и за новите директорки на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и нејзината заменичка Ивана Стојановска. Обвинувањата за партизирасност на двете служби продолжуваат, а власта најавува нивно спојување во една.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот