
Кој е Аце „Циганот“, уапсен денеска во Грција? Ладнокрвно уби човек во центарот на Скопје, па се криеше 27 години
Аце Боцевски, бегалец од правдата во земјава, кој 28 години успеваше да ги избегне органите на прогонот откако уби ривал од подземјето на среде улица во центарот на Скопје во 1997 година, денеска е уапсен од грчката полиција во градот Катерини.
Препорачано
Боцевски, во скопските криминални кругови во 90-тите познат како „Циганот“, во Македонија е осуден на 15 години затвор за бруталното убиство на Сеат Ибраими. Тој исчезна под сомнителни околности додека беше во домашен притвор, исти какви што беа и околностите под кои му беше изречена благата мерка. МВР по него ја има распишано една од најстарите нереализирани потерници.
Убиството што го изврши Боцевски во центарот на Скопје, среде бел ден, беше едно од највпечатливите криминални случувања во Македонија во 90-тите години на минатиот век. Во ноември 1997, по куса потера со автомобили низ улиците, Боцевски на улицата „11 октомври“ го стигна Ибраими, чијшто автомобил излета од улицата и запре. Боцевски тогаш излезе од својот автомобил, дојде до жртвата и ладнокрвно, пред десетици сведоци, испука повеќе куршуми од пиштол. По бегството, Боцевски извесно време се криеше во Србија, каде и јавно се појавуваше пред телевизиските камери заедно со ликови од белградското подземје за време на НАТО-бомбардирањето на земјата во 1999 година.
Сега 60-годишниот убиец ќе биде екстрадиран во земјава, каде треба да биде упатен на одлежување на досудената казна.