
Кога би живееле вечно Путин и Си
Вообичаено се вели дека „со светот владеат старци што брзаат“. Што ако со големите сили всушност владеат старци што не брзаат никаде, уверени дека имаат многу време?
На маргините на воената парада во Пекинг на почетокот на септември, се слушна како рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Си Џинпинг разговараат за прашањето на бесмртноста. Не разговараа за војните во Украина и Газа, ниту за нивните потенцијални наследници или царините на Трамп, туку за трансплантација на органи и нови биотехнолошки откритија што будат донкихотовска надеж за вечна младост.
Препорачано
Можеби овој необичен разговор би можел да се покаже како поважен за иднината на нашата политика отколку геополитичките промени на моќта за кои сите зборуваат. Вообичаено се вели дека „со светот владеат старци што брзаат“. Што ако со големите сили всушност владеат старци што не брзаат никаде, уверени дека имаат многу време? Како таа фасцинација со долговечноста ќе влијае врз нивните политички одлуки?
Кога Путин ќе го заврши својот актуелен мандат – што тешко дека ќе го означи и крајот на неговото владеење – ќе биде на власт подолго од Јосиф Сталин или Леонид Брежњев. Исто така ќе биде постар од двајцата.
Често претпоставуваме дека Путин е опседнат со изборот на наследник и опстанокот на пост-Путинова Русија. Но, знаејќи дека некои од нас – веројатно и самиот Путин – наскоро би можеле да живеат многу подолго, можеби би требало да имаме на ум поинакво прашање. Може ли рускиот претседател да владее со земјата уште четврт век? Како оваа продолжена временска рамка ќе влијае врз неговите политички одлуки? Дали ќе биде потрпелив или поагресивен?
Историчарот Кристофер Кларк забележува дека „како што гравитацијата ја свиткува светлината, така моќта го свиткува времето“. „Вршењето“ власт се темели на одреден сет претпоставки за тоа како минатото, сегашноста и иднината се меѓусебно поврзани. Модерната политика се држи до уверувањето дека поединците се смртни, додека нациите се бесмртни. Својата смртност ја надминуваме со тоа што веруваме во бог, раѓаме деца и сме дел од самосвесна културна заедница што ќе ги издржи бурите на историјата.
Нашата идеја за бесмртност досега ја отелотворуваше споменик во парк со испишани имиња на оние кои ги жртвувале своите животи за нацијата, или песна што идните генерации ќе ја знаат напамет. Како што сугерира разговорот меѓу Путин и Си во Пекинг, тоа повеќе не е случај. Живееме во доба кога најбогатите и најмоќните поединци се замислуваат себеси бесмртни, додека многу нации, под притисок на пониска стапка на наталитет и масовни миграции, почнуваат да делуваат смртно.
Можеме ли сè уште да веруваме дека ќе живееме во сеќавањето на идните генерации додека брзината на еколошките, технолошките и културните промени ја разбива нашата моќ да замислиме како ќе живеат идните луѓе? Можат ли бугарските или словачките политички лидери, на пример, да бидат сигурни дека некој ќе ја проучува бугарската или словачката историја за 100 години?
Историјата нè потсетува дека стремежот кон вечна младост е една од карактеристиките на револуционерните времиња. Животот и трагичната смрт на Александар Богданов, пријател на Владимир Ленин и основач на Рускиот национален институт за хематологија, кој починал од последици од неуспешна трансфузија на крв, е најдобар пример за револуционерниот стремеж кон бесмртност сфатена не како потрага по вечна слава, туку како потрага по вечна младост.
Доналд Трамп е можеби најдобриот пример за драматичното поместување на оската време-моќ. Путин и Си сè уште се преокупирани со бесмртноста на нациите. Рускиот претседател ја романтизира изгубената империјална минатост и мечтае за демографско оживување на Русија; Си повикува на династички континуитет. Трамп е поинаков. За разлика од Путин и Си, тој ретко зборува за историјата или за тоа како би сакал да го паметат следните генерации.
Трамп секако сака да живее вечно, но не во срцата и мислите на идните генерации. Се добива впечаток дека својата бесмртност најмногу би сакал да ја помине во Мар-а-Лаго или, уште подобро, во Белата куќа. Неговата политичка фантазија како да не се протега подалеку од сопствениот мандат – како самата историја да би требало да заврши со него. Тој покажува мала грижа за тоа што ќе се случи непосредно по него. Кога зборува за ризиците од судир со Тајван, го повторува ветувањето на Си дека нема да изврши инвазија на островот додека Трамп е на власт. Но, што кога тој повеќе нема да биде на власт?
Разговорот во Пекинг за бесмртноста сигнализира драматична промена во начинот на кој политичките лидери ја доживуваат оската време-моќ. На крајот на својот втор мандат, Трамп ќе биде најстариот претседател на Америка. Но, дали е навистина толку стар? Последниот попис на населението на САД покажува дека повеќето Американци родени истата година како и Трамп, 1946 година, сè уште се живи (а многу од нив веројатно сè уште гласаат). Според анкетите на јавното мислење, повеќето републиканци мислат дека Трамп треба да се кандидира за трет мандат. Можеби неговиот претходник Џо Бајден беше последниот навистина стар американски претседател?
Тешко е да се оттргне впечатокот дека иднината на нашата политика почнува да наликува на светот на грчката митологија во која интригите на бесмртниците ја движат светската историја. Во меѓувреме, најмногу на што обичните смртници можат да се надеваат е благонаклонетоста на Бесмртниците.
Вијести
(Авторот е член на Европскиот совет за надворешни односи)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“